Во свечената сала на Офицерскиот дом, целодневен бесплатен пијанистички маратон одржаа учениците на едно од најстарите музички училишта на Балканот, Државното музичко училиште од Битола.

Поводот беше денот кој го слави пијаното како инструмент, а акустичната сала и концертниот клавир беа совршен амбиент за овој целодневен музички настан.

Стотици деца и возрасни дојдоа да ги слушнат младите талентирани пијанисти кои на три големи концерти ја покажаа убавината на овој инструмент. 

„Ако треба да се набројат најголемите изуми на човештвото, покрај тркалото и космичкиот брод не смее да се изостави пијаното. Совршен – не механизам туку организам во кој хармонично се спојуваат сложената механика и инженерното пресметување, усогласеноста на материјалите, цврстината и приземноста, но истовремено и полетноста. Капакот мора да е отворен – тогаш тој, наликувајќи на едро ли, крило ли, ја ослободува душата на пијаното, неговиот глас, интимен, како за салони, моќен, како за големи концертни сали и отворени простори. Светот на пијаното е сеопфатен и безграничен: највозвишените дела на Бетовен, најбравурозните на Лист, најрафинираните на Шопен, најколористичните на Дебиси, најмоќните на Рахманинов и на други исклучителни гении кои пишувале за пијаното го сочинуваат немерливото богатство на човештвото. Но пијаното не е сноб: придружник е на танци и забави во периодот пред технолошките изуми – од шубертијадите и домашните приредби до салуните и баровите кадешто времето „се цепкало“ и се насетувал џезот, а тука се и немите филмови чијашто тишина се надминувала токму со звукот на пијаното и целата динамика и драматургија никнувала „тука и сега“ од рацете на пијанистот-импровизатор. Работник е и во подготовките на оперските и балетските претстави и симфониските партитури – бидејќи на пијаното може да се опфати и прозвучи и оркестар, и хор, и сè заедно. Пијаното им вели добредојде на врвните виртуози, но и на аматери; еден ист „кралски“ инструмент може да го допрат прстите на возрасните, но и рачињата на најмалите – и сите ќе го добијат неговиот пријателски одговор. Соло и придружба, концерти и домашно музицирање, четирирачно, шесторачно, осморачно свирење како врвна форма на дружење преку заедничка изведба, ансамбл како врвна форма на духовно заедништво – сè ова е пијаното. Да не го заборавиме и пијаниното, повеќе достапно во домовите, поскромно со изгледот и звучноста, а незаменливо на патот на поединецот кон музичките висини, но и градење на еден исклучителен сегмент на современата музичка култура на општеството. Прославувајќи го денот на пијаното со музиката за пијано, да се сетиме на изумителите на ова ремек дело, на мајсторите кои го градат, на штимерите кои го одржуваат во форма, на композиторите кои создаваат за него, на големите пијанистички имиња кои го оживуваат, на публиката која ужива во неговиот звук, на наставниците и учениците кои ја продолжуваат традицијата и откриваат нови патеки во бескрајот на пијаното и пијанизмот„ напиша во писмото Проф. д-р Викторија Коларовска-Гмирја од Факултетот за музичка уметност во чест на настанот во Битола. 

Државното музичко училиште во Битола постои 76 години, а пијано класата брои 21 наставник. Стотици врвни пијанисти поминале низ клупите на ова училиште.

„Државното музичко училиште, од кое потекнуваат бројни звучни имиња во светот на музиката со овој настан обезбеди уште еден начин младите пијанисти да ги покажат своите таленти. Настанот е и потсетник за моќта на музиката која ги зближува луѓето создавајќи чувство на заедница. Со вакви настани, јасно е дека пијаното ќе продолжи да биде сакан инструмент што ќе ги инспирира генерациите музичари што доаѓаат„- изјави Татјана Божиновска, пијанист и професор во ДМУ.

Инаку, секој 88 ден во годината, ширум светот се слави Денот на пијаното, а бројот 88 е поврзан со бројот на клавиши на клавијатурата. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.