Со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ Драмски театар, утре на 22 март (20 часот) гостува во Велес, на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ е авторска адаптација на Сајмон Стивенс направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Режисер е Зоја Бузалковска, aсистент на режија е Димче Николовски a драматург на претставата е Александра Бошковска. Костимите се креирани од костимографката Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и фри ранинг техниката е на Симон Симоновски.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.
Режисерката Зоја Бузалковска истакнува дека она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата има и едукативно – воспитна функција и може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика.
Од Драмски театар информираат дека премиерата на „Чудна случка со кучето во ноќта“ беше во декември 2021. Интересот на публиката и во третата сезона е голем и претставата привлекува публика од сите возрасни групи. Надвор од матичната сцена гостувала на Охридско лето во 2022 додина и на театарскиот фестивал Рута во Скопје во октомври 2022 и Рута Љубљана во 2023 година.
Со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ aнсамблот на Драмски театар Скопје настапи на минатогодишниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ и доби пет високи признанија: награда за главна машка улога на актерот Дамјан Цветановски за улогата на Кристофер Бун, награда за женска епизодна улога се додели на актерката Емилија Мицевска за улогата на Џуди. Наградата за сценографија ја доби Константин Трпеноски, а наградата за костимографија се додели на Елена Вангеловска и Раде Василев за костимите во претставата и награда за кореографија и сценски движења се додели на Симон Симоновски.
Претставата на гостувањето во Велес ќе ја има својата триесетта изведба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.