Благодарна реч на Драго Јанчар по повод доделувањето на наградата Прозарт 2023

Почитувани членови на жирито, кои ми го доделивте ова високо признание; драги преведувачи и пријатели, драги читатели на моите книги на македонски јазик. Можеби тие читатели не се многу, но поради нив овде се чувствувам како дома. Всушност, овие места и овдешните луѓе отсекогаш ми биле познати, уште од времето кога недалеку од овде поминав една година служејќи војска, во старото Станковиќе во Врање. И кога по неколку месечна вежба во касарната станав така таканаречен „стар војник“, многупати во слободните недели од Врање се качував во автобус и одев до зелената тишина на средновековниот манастир Прохор Пчински, кој е исто така важен за поновата македонска историја. Или дури преку границите, кои никогаш не постоеле, па до Скопје. Таквите излети од касарната, секако не беа дозволени, но младиот човек, кој не ги сакаше забраните, го поттикнуваше љубопитноста: да види, да спознае каде го однел животот. Така непознатиот војник талкаше по пролетната зелена ливада на Пчиња и околните ридови и некогаш кај по некој гостопримлив селанец вкусуваше ракија и бело сирење; другпат скитникот во униформа пак талкаше низ летното усвитено Скопје и бараше ладовина во вревата на Старата Чаршија.

Тогаш уште не знаев дека само неколку години подоцна ќе седам во салата на Македонскиот народен театар на премиерата на својата драма Големиот брилијантен валцер и срцето посилно ќе ми чука од возбуда од фасцинантната продукција во режија на Бранко Ставрев.

Тагата на театарот е неговата минливост. Од моментот на одушевеност, кој го доживеавме во една дамнешна зимска вечер во Скопје, останаа само сувопарни информации за претставата. Но во мојот жив спомен сѐ уште постои бран на возбуда што ја зафати публиката кога Свети Павле, еден од јунаците во драмата, ја изговори библиската реченица за патувањето на апостол Павле во Македонија. Мислам дека беше овој или сличен цитат: „Веднаш по оваа визија отидовме во Македонија, бидејќи заклучивме дека Бог ни ја праќа добрата вест да ја проповедаме и таму.“

Реченицата не беше моја, ја додаде режисерот, но во тој момент функционираше во чудна хармонија со атмосферата на мојот луд театарски изум од институцијата со наслов „Слободата ослободува“, а пред сѐ, секако, со историскиот момент кога и нашата тогашна заедничка држава брзо се менуваше во лудница.

Истата љубопитност која ме прогонуваше од границите на касарната во околината, која на многу начини беше различна од моето искуство со живеењето во Словенија, подоцна одново ме привлекуваше назад кон патувањата и откривањето на нови непознати пејзажи, како и екскурзии во турбулентната историја и човечките пресврти поврзани со неа. Секој што ја читал мојата проза, романите или кратките раскази знае дека на тоа поле не е настанато ништо слично како патописите или историските трактати. Се разбира, не велам дека патувачкиот немир кај пишувањето не ми користеше. Литературата не е хипотетичка атракција, секоја приказна ја сака своја жива и конкретна ситуација, го сака своето време и простор. Кога пред неколку години го пишував романот „Таа ноќ ја видов“ го прекинав пишувањето, кога одеднаш не знаев каде треба да отпатува љубовниот пар во времето пред Втората светска војна – српскиот коњанички офицер и неговата љубов, Вероника, која сака да избега од крутите врски на љубљанското буржоаско општество? И тогаш наеднаш се сетив: во Врање, секако. Го познавам градот и околината, касарните секогаш се исти, а војската е војска, монархистичка или комунистичка, со свои правила, манири, пцости и ракија. И така мојата хероина, која со својата елеганција малку порано го привлече вниманието на љубљанските улици, се најде среде вистинскиот, тогаш сѐ уште малку ориентален Балкан и неговата чудна словенска меланхолија.

Затоа, овој вид на љубопитност е корисен во пишувањето, но не е пресуден. Во опишувањето на човечката радост, гневот, среќата, омразата, гордоста, стравот и храброста има нешто што во мојот расказ „Ученикот на Џојс“ неговиот протагонист, имено Џејмс Џојс е par lui-même, наречена „описeн мерак“. Дури и кога сакам само да ги насликам фрагментите од животот на поединецот на позадина од големите сцени од човечката историја и му служам на тој описен мерак што го чувствувам во себе, неволно од самиот себеси, а донекаде и на читателот му запречувам со уште едно друго прашање, на прв поглед малку глупаво: што е сето ова? Сето ова што го правиме еден на друг и на себеси? Ние му пркосиме на историското време и ја исмеваме човечката комедија или сочувствуваме со човечката трагедија – но истовремено знаеме дека не можеме да промениме нешто суштинско. А сепак продолжуваме да пишуваме, бидејќи така сака нашата желба за опишување. И понекогаш му помага на некој читател… нема да речам да живее, туку да ги разбереме човечката страст, тага, радост и заблуда.

Можеби имав четиринаесет, петнаесет години, кога гледајќи во летното ѕвездено небо првпат се запрашав што има таму позади, зад ѕвездите, што има зад Млечниот Пат? Каде е почетокот и каде е крајот на времето? Тогаш за првпат до болка ме обзеде претчувството, всушност, сознанието дека никогаш нема да добијам одговор на ова прашање.

Не би сакал да му дадам премногу тешка, не дај Боже филосовска смисла на моето пишување, бидејќи моите раскази се раскази за животот, реални или измислени. А сепак во нив се одразува тоа далечно и античко прашање; и тие се само лош обид да се одговори на недоловливата празнина на големиот, односно бесконечен простор, кој во еден миг допрел до детската, но исто така веќе одрасната душа со тапанарска тишина од темната празнина.

Страста за опишување во моите романи и кратките раскази е мал одговор на многу големи прашања, на кои не знам да одговорам. Тоа е бегство од касарните, психијатриските, затворските, училишните, политичките и сите други објекти што ја ограничуваат различноста и богатството на животот.

Со таков почеток се собираат многу книги, а со нив и некоја награда. Оваа, што ја добивам денес, особено ми е драга. Не затоа што е за уметност на прозата, воопшто литературна уметност, центарот на сѐ што правам и што ме интересира, бидејќи со балканскиот дел од Европа е поврзан голем дел од мојот живот и во добро и во лошо. Благодарам за неа. И јас, како некогаш режисерот на мојата драма во Скопје, го цитирам Павле од Писмото до Коринтјаните: „Тоа што ми недостигаше, ми го додадоа браќата од Македонија“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.