Во Галеријата на Младинскиот културен центар вечер од 19 часот ќе биде доделена книжевната награда „Пегаз“ за 2021 година за најдобар необјавен роман и ќе биде промовиран победникот на конкурсот – „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков.
На доделувањето на наградата ќе се обрати жирито во состав: проф. д-р Владимир Мартиновски, Фросина Пармаковска и Бисера Бендевска, а првонаградениот роман „Хотел меѓу две војни“ ќе го промовира Оливера Ќорвезироска.
„Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа, пред сè, многубројните војни од првата половина на 20 век, судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите, соопшти издавачката куќа „Арс Ламина“ која го организира конкусрот за наградата „Пегаз“.
На конкурсот за наградата „Пегаз“ за 2021 година пристигнале 44 ракописи, а во најтесниот избор биле и „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција.
Ова е трето издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината. „Арс Ламина“ го организира во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.