Во Градскиот парк, на „Школка“, в сабота, на 11 мај, во 12 часот македонскиот пијанист Дино Имери ќе одржи рецитал на кој ќе изведе дела од големиот романтичар, полскиот композитор Фредерик Шопен.
Несекојдневениот музички настан е организиран од Амбасадата на Република Полска, по повод Денот на Уставот.
„Волшебникот на пијаното“, Дино Имери, ќе ги изведе најпознатите пиеси за пијано од еден од најголемите композитори на сите времиња: Балада бр.1 оп.23, во g-moll, Grand Valse Brillante оп.34 бр.1, во As-dur, Валцер оп.64 бр.2, во cis-moll, Валцер оп.64 бр.1, во Des-dur -„Минутен“, Ноктурно оп.20, во cis-moll, Скерцо бр.2 оп.31, во b-moll, Мазурка оп.17 бр.4, во a-moll и Полонеза оп.53, во As-dur – „Херојска“.
Станува збор за навистина редок настан, затоа што класичната музика не се изведува често на отворено. Но, идејата е и Скопје да се придружи на традицијата на реализирање на концерти на отворено какви што се случуваат во Полска, близу Варшава, токму кај споменикот на Шопен и неговото родно место, од страна на врвни, светски пијанисти. Целта е постојано да живее творештвото на овој музички гениј кој светот го направи подобро место за живеење, се вели во најавата.
Настанот е бесплатен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.