Боемската улица во Дебар Маало во Скопје беше претворена во уметничка галерија на отворено. На неа се изложени двесте детски цртежи кои пристигнаа на конкурсот „Пролетните авантури на Халки“, а е организирана по повод одбележувањето на 15 Април – Светскиот ден на уметноста.
Еднодневната изложба потсетува дека креативноста е темел за здраво општество, а уметноста има високо и значајно место во него. Децата преку цртеж праќаат клучни пораки кои возрасните треба да се потрудат да ги прочитаат. Тие се идните творци и уметници, тие се и публиката која ќе знае да ги цени вистинските вредности. Создавањето услови и слобода за детското креативно изразување, значи и градење почит кон уметноста.
Изложбата за сите случајни минувачи во срцето на градот е вистинско пролетно изненадување. Пријатна музичка поддршка даде дуото виолини Петар Поповски и Олгица Шундиќ, а Арта Ќаили од студиото Dancers United изведе модерен балет во слободна импровизација.
15 Април низ светот се одбележува од 2012 година со најразлични изложби, претстави, перформанси и трибини на кои се истакнува значењето на уметноста и во зачувувањето на мирот и слободата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.