Десонанз Фестивалот и оваа година продолжува со серија на настани кои што достојно ја третираат македонската современа музика и култура.

Овој викенд во дворот на Кинотека на Македонија, публиката ќе има можност премиерно да го слушне новиот материјал на велешкиот мултимедијален артист Audio Portmanning, како и концертната промоција на албумот “The Story of Utopias” преку настап во живо на Тони Димитров – композитор и продуцент чија долгогодишна работа во полето на амбиенталната музика и употребата на теренски снимки го прави еден од пионерите на експерименталната електронска музика во Македонија.

Фестивалската програма продолжува во соработка со скопското радио Амок. Во следните три фестивалски денови, со својата уникатната музичка визија ќе се претстават Soul Case, K-R-K и NastasyaKish – диџеи од новиот бран на македонската електронска сцена кои го дрмаат подиумот низ скопските клубови. Музичките настани ќе бидат проследени со видео проекции од филмскиот опус на младиот надежен режисер Илија Павлов.

Десонанз Фестивал е финансиски поддржан од Град Скопје.

Благодарност до Општина Карпош, Кинотека на Македонија, Алшар Музичко Студио, Amok Radio, Persona Film Production, ROTKO books&music, Babylon, BTKRSH.

15.07.2022 година – Кинотека на Македонија, 20 часот, влез слободен

Ди-џеј сет на Soul Case – Soul Case e алијас на Бојан Јанев, скопски диџеј, промотер и љубител на винили. Како основач на „Оубли“ и „Амок Радио“, постојано се обидува да ги води работите напред – лично, но и во насока на диверзификација и зајакнување на работите на локалната музичка сцена. На само 25-годишна возраст станува носител во скопската андерграунд сцена, со резиденции низ скопските клубови, посебно во легендарниот клуб „Сектор 909“ и „Минус Еден“. Не останува незабележан и надвор од границите на земјата – има вртено плочи на повеќе клупски подиуми во Белград, Берлин, Токио, Осака и Јужна Кореја.

https://soundcloud.com/musicsoulcase

 

16.07.2022 година – Кинотека на Македонија, 20 часот, влез слободен

Тони Димитров (настап во живо) – Тони Димитров е мултимедијален уметник, културен продуцент, радио водител, комуниколог, организатор, куратор, сопственик на издавачка куќа, планинар и љубител на природата, кој живее во Македонија. Ги поврзува сите нив со љубовта кон музиката, звучната уметност и теренските снимки. Работи во областа на звучната уметност, електронската музика и радиото, но експериментира и со графички дизајн, фото и видео. Го трасира патот низ сцената на новата експериментална музика/звучна уметност со неговиот соло ангажман, колаборативни изданија, радио уметност и уметнички инсталации. Издава соло, со неколку бендови и соработки како што се Hunter/Gatherer (со Ингман Ванерберг), Fayerabend (со Микола Јосипенко), sound_00 + lefterna (со Бобан Ристевски), post global trio (со Димитар Додовски и Мартин Георгиевски), post global duo (со Роберт Фаруџа), Private Mountain (со Димитар Додовски), Biloba Green (со Микеле Андреоти), Toni Dimitrov & Demetrio Cecchitelli, меѓу другите, со безброј изданија на различни етикети, настапи на многу фестивали и учества на повеќе резиденции. Учествува на култната sound art изложба Audiosphere Sound Experimentation 1980–2020. Ги курира етикетите post global recordings и élan vital recordings.

https://www.discogs.com/artist/592167-Toni-Dimitrov

Audio Portmanning (настап во живо) – Audio Portmanning е Александар Трајковски, роден 1975 година во Велес. Неговата прва љубов – музиката, започнува уште во почетокот на 90тите со свирење во локалните панк-рок бендови во Велес: Dr. Martens, Lacky Strike и Black Tulip. Како мулти-инструменталист, неизбежна е и соработката и настапи со велешката авангардна група на музичари и бендови: A.C.E – TONE, Ed & Caravan Serai. Има работено на доста underground концерти во Велес и издадено касета во 1995та година – “Live in Sinema” со македонски underground бендови. Освен со музика, се бави со фотографија и видео и бележи учество на 3 групни изложби на фотографија, видео инсталации и музика под наслов “Човекот и Технологијата” во Велес, Скопје и Штип. Од 2012 година соработува со артистот Analogue Resistance со кого го формираат Arithmetic Loop Records. Во 2014 година го започнува својот проект Audio Portmanning – фузија на техно, експериментална електроника, амбиент и краут. Во 2021 година ја издава книгата “Мали нешта од електронската музичка продукција”.

https://audioportmanning1.bandcamp.com/

Ди-џеј сет на K-R-K – Почнувајќи од 2020 година, K-R-K е диџеј кој може се чуе низ андерграунд просторите во Скопје. Со гостински миксови на повеќе радија, како што се „Амок Радио“ (Скопје) и „Noods” (Бристол), неговите миксови поминуваат низ различни жанрови. Под влијание најмногу од британската и берлинската сцена, неговите диџеј сетови се исполнети со органски и психоделични звуци и испрекршени електро битови.

https://www.mixcloud.com/krki-stefanovski/

17.07.2022 година – Кинотека на Македонија, 20 часот, влез слободен

Ди-џеј сет на NastasyaKish – Интригирана од необичните звуци кои што можат да бидат пронајдени во електронската музика, NastasyaKish пронаоѓа интересни начини за нивна комбинација и да ги споделува со публиката. Нејзините сетови се доста еклектични, помеѓу различни жанрови, почнувајќи од slow burners до acid. За краток период од нејзината музичката кариера, станува резидент на андерграунд клубот „Минус Еден“. Има гостувано со музички сет во Белград и во Санкт Петербург. Таа е активен член на културниот колектив Скопски Грув (чии настани се незаборавливи, од сценографски до музички аспект), создаден на крајот на 2017-та година. Во 2019-та година е дел првата онлајн плочара „Wax Revival Store” во Скопје, која што донесе свежина во градов. Од 2021 година е дел од екипата на „Амок Радио“.

https://soundcloud.com/nastasyakish

 

Музичките настани ќе бидат проследени со видео проекции од филмскиот опус на младиот надежен режисер Илија Павлов.

https://www.imdb.com/name/nm11362102/



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.