Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска присуствуваше на отворањето на 18. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Јоаким Осоговски“, кој синоќа започна во Крива Паланка. Фестивалот го отвори КУД „8 Октомври“ од Крива Паланка, кое презентираше сегменти од богатата етнокореолошка традиција на овој регион.
Костадиновска-Стојчевска истакна дека во сферата на културата во Крива Паланка се работи со жар, љубов и посветеност, и на институционално ниво и во граѓанскиот сектор, а тоа може да биде успешен пример и за другите градови.
Свесни сме дека сите активности што се од интерес како за домашната така и за меѓународната јавост од овој крај, како: Ликовната колонија „Св. Јоаким Осоговски“, Меѓународниот фолклорен фестивал, Меѓународниот театарски фестивал, Фестивалот на детска песна, како и музичкиот фестивал „Џој–фест“, се должат во голема мера на ентузијазмот на организаторите и на искрената љубов и посветеност на учесниците. Токму затоа овие активности како и досега така и во иднина ќе ја имаат поддршката од Министерството за култура − рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа ја нагласи важноста на традиционалното одржување на Меѓународниот фолклорен фестивал „Јоаким Осоговски“, кој секоја година ја презентира фолклорната традиција на нашата земја, но и на земјите од регонот.
Овој меѓународен фолклорен фестивал, кој го носи името на светецот заштитник на градот, има континуитет на одржување и е препознатлив белег на културната мапа на градот и на државава. На Фестивалот секоја година се презентираат значајни кореографии и сценски адаптации од богатата фолкорна ризница на нашето поднебје, но и од пошироко. Верувам дека деновиве во Крива Паланка ќе имаме празнична атмосфера во која стотици игроорци, преку ора, игра и песни, но и преку дружење и пријателства, ќе ја претстават сопствената традиција и ќе ја шират мисијата на културата, која е голем обединувачки фактор − додаде Костадиновска-Стојчевска.
Организатор на Фестивалот е Центарот за култура од Крива Паланка. Фестивалот се реализира со поддршка од Општина Крива Паланка и од Министерството за култура. Настанот е дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето 2023“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.