Во Планетариумот во Младинскиот културен центар (МКЦ) денеска и утре има серија предавања кои ќе се одржат во два термини, од 19 и 20 часот.

На предавањата ќе има симулација на ноќното небото ослободено од облаци и светлосно загадување. Предавач е Радан Митровиќ од скопското астрономско друштво кој ќе ја запознае публиката со најинтересните и најважните соѕвездија и објекти, како и со календарите и нивната поврзаност со ноќното небо.

Предавањата се адаптирани за лица над 10 години. Предавањето со термин во четврток од 19 часот, ќе биде дополнително прилагодено за деца.

Централна улога има Планетариумот и неговата волшебна способност да ни го долови ноќното небо со преубав приказ на ѕвездите, да ни покаже како тоа се менува кога се наоѓаме на разни позиции на Земјината топка, но и да го забрза текот на времето, а со тоа и движењето на ѕвезденото небо над нас.

Согласно насоките за заштита од корона вирусот, местата се ограничени на 30, а секој посетител задолжително треба да носи маска во текот на целото предавање.

Планетариумот е во состав на МКЦ, а влезот е од страната која гледа кон Македонската радио телевизија.

Билетите, кои се во строго ограничен број, може да се набават на билетарница во МКЦ по цена од 150 денари.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.