Во четврток, со почеток во 20 часот се отвора новата концертна сезона на оркестарот на
Филхармонија, насловена „Дамар на слободата“. Сезоната се отвора со концертот
насловен „Зорнина“ на кој како солисти ќе настапат пијанистите Алексеј Володин и Едит
Пења. Диригент е Гудни А. Емилсон од Исланд, а на програмата се дела од Волфганг
Амадеус Моцарт – Концертот за пијано и оркестар бр. 23 во А-дур, Концертот за пијано и
оркестар бр. 20 во де мол, Концертот за две пијана и оркестар бр. 10 во Ес-дур и
увертирата од операта „Свадбата на Фигаро“.
Концертот за пијано и оркестар бр. 23 во А-дур, КВ 488, Моцарт го завршил на 2 март
1786 година, два месеца пред премиерата на операта „Свадбата на Фигаро“ и три недели
пред да го заврши својот следен Концерт за пијано. Концертот е напишан за соло пијано и
оркестар – гудачи, флејта, два кларинета, два фагота и две хорни.
Првиот став е напишан во сонатна форма, а делото започнува со двојна експозиција –
првата со оркестарот, втората кога се приклучува пијаното. Ставот содржи неколку теми
кои имаат специфична мелодиска структура, со повремена употреба на хроматика која ја
потенцира хармонската тензија во овој став.
Во вториот став може да се почувствува оперски тон. Солистот го почнува ставот сам,
презентирајќи ја темата во сицилијански ритам. Динамиката е мека и суптилна во текот на
целиот став.
Третиот став е феноменална завршница на концертот, типичен Моцартов музички „есеј“
на деликатно осмислената концертна форма.
Концертот за пијано и оркестар бр. 20 во де-мол, КВ 466, В. А. Моцарт го напишал во
1785 година, за време на неговата најголема популарност во Виена, и делото доживеало
голем успех, веднаш по премиерата на 11 февруари. Најголем дел од делата на Моцарт се
напишани во дурски тоналитет, па затоа делата кои се создадени во звучниот амбиент на
молот имаат поинаков звучен печат и идентитет – како операта „Дон Џовани“,
маестралниот „Реквием“ и Концертот за пијано и оркестар бр. 20.
Овој концерт за пијано е еден од најизведуваните и најпознатите – пијанистот Чарлс Розен
изјавил дека „делото е исто толку мит колку и ремек-дело: кога го слушате, тешко може да
утврдите дали го слушате делото или неговата репутација“.
Концертот е комплексен, драматичен, донекаде и мрачен и во него може да се почувствува
духот на романтизмот, кој ќе го донесе музиката во 19 век. Има богата оркестрација,
рафиниран и мек звук, во него солистот може до крај да ја искаже својата уметничка
индивидуалност и да „зборува“ со јазикот на срцето.
Првиот став најавува силна и возбудлива драматичност. И солистот и оркестарот со
своите делници прават трансценденција во оваа атмосфера. Вториот став, како што
сугерира и насловот „Романса“, носи нова, помирна енергија и звучност. Страсната,
лирска, нежна и романтична прва тема во пијаното, дава чувство на мир и спокој. По неа
се појавува втората, подраматична тема која ѝ се спротивставува на првата со својот
немирен дух. Ставот завршува со разложени акорди, кои наликуваат на шепот. Третиот
став се враќа на бурниот карактер од првиот став, заокружувајќи го ова маестрално
музичко дело.
Концертот за две пијана и оркестар бр. 10 во Ес-дур, Моцарт го напишал во Салцбург,
речиси во исто време со неговиот друг двоен концерт – Симфонија кончертанте за
виолина и виола. Иако не се знае точниот датум кога е напишан, се претпоставува дека
Моцарт го создал во 1770 година, за него како солист и за неговата сестра Нанерл.
Во периодот од 1781 и 1782 година младиот Моцарт сѐ уште ја градел својата репутација
како композитор во Виена, и токму овој концерт требало да биде круна на неговите
најдобри дотогашни музички остварувања. За да остави уште поголем впечаток кај
виенската публика, Моцарт го зголемил оркестарот, додал кларинети, труби и тимпани.
Концертот најчесто го слушаме во оваа оркестрација и денес.
На премиерната изведба во Виена, со Моцарт свирела и неговата студентка Жосефа
Ауернхамер, со која претходно ја изведувал и Сонатата за четири раце. Во своите писма,
Моцарт бил прилично амбивалентен кога го опишувал нејзиното свирење: „Свиреше
инспиративно, иако нејзината кантабиле изведба не сугерираше доволно на деликатниот
пејачки стил… “.
Во концертот, двете пијана водат меѓусебен дијалог и разменуваат музички идеи.
Оркестарот е многу потивок, во споредба со останатите концерти за пијано, во него
Моцарт многу поголем простор им отстапува на солистите. Првиот став е лирски и
обемен, а вториот – типично бавен и рафиниран и во него оркестарот е само позадина, над
која двајцата пијанисти ја градат својата музичка приказна. Финалниот став е динамично и
ритмичко рондо, кое е збогатено и со лирска грациозност типична за Моцартовиот
музички стил.
Увертира од операта „Свадбата на Фигаро“
Операта во четири чина „Свадбата на Фигаро“, В. А. Моцарт ја напишал во 1786 година.
Станува збор за опера буфа – комична опера со која Моцарт ја започнува својата
соработка со либретистот Лоренцо да Понте (која подоцна ќе продолжи и со оперите „Дон
Џовани“ и „Сите прават така“). „Свадбата на Фигаро“ е една од најизведуваните опери на
Моцарт на светските музички сцени.
Таа е една од 10-те најизведувани оперски дела, а во 2017 година кога магазинот Би-би-си
направи анкета меѓу оперските пејачи да гласаат за најдобра опера, таа беше на првото
место според бројот на гласови. Таа е ремек-дело во жанрот на оперската комедија, а
богатото чувство на хуманост, игривост, едноставност и комплексност во исто време се
составен дел од извонредната партитура на Моцарт.
Операта првпат била изведена на 1 мај 1786 година во Бургтеатарот во Виена, и
постигнала голем успех. Солистите на бис извеле пет арии, а на втората изведба на
операта дури осум. Истиот триумф операта „Свадбата на Фигаро“ го доживеала и во
Прага, во декември истата година.
Увертирата од операта започнува со тивка градација која еволуира од брмчење и шепот
кон бомбастичната тема која го држи во будност слушателот. Таа во себе го носи
карактерот и расположението во интегралното оперско дело – хуморот, игривоста,
интригите…
Алексеј Володин
Роден 1977 година во Санкт Петербург, Алексеј Володин се смета за еден од најсилните
претставници на руската пијанистичка школа и за инструменталист од елитата на
светскиот пијанизам, кој редовно настапува со престижни оркестри како Њујоршката
филхармонија, Оркестарот на театарот „Марински“, Лондонскиот симфониски оркестар и
диригенти од рангот на Валериј Гергиев, Владимир Федосејев, Марк Албрехт и Семјон
Бичов. Неговите изведби критичарите ги опишуваат како „сензационални“, „исклучително
енергични“, а овој „мајстор на пијаното“ во сезоната што следува со свои рецитали ќе
настапува во Големата сала на Московскиот конзерваториум, БОЗАР во Брисел, Вигмор
хол во Лондон, Аудиториумот во Мадрид, Тонхале во Цирих, во „Плејел“ во Париз и во
Олимпико во Рим.
Дека Алексеј Володин е изведувач со огромна сензитивност, но истовремено и со
брилијантна техника се согласуваат и светските музички критичари. Во 2015 година, по
еден од неговите концерти, Питер Рид во „Classical Source“ ќе напише: „Слушајќи го како
бавно ги отвора светот на Шопеновата поезија, лириката на Шуберт и фантазиите на
Шуман, станувам свесен за неговата повеќеслојна уметничка личност… Сè во оваа
програма беше детално обмислено, но поради неговиот интелигентен пристап, неговото
претставување пред публиката воопшто не изгледаше искалкулирано…“ – Питер Рид,
Classical Source, јуни 2015
На полето на камерната музика пак, активно соработува со врвни уметнички имиња како
Сол Габета, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Бородин квартетот, квартетот Модиљани,
квартетите Касалс и Кремона. Редовен гостин е и на повеќе интернационални фестивали.
Што се однесува до репертоарот на овој пијанист, тој е разновиден, почнувајќи од Бетовен
и Брамс преку Чајковски, Рахмањинов, Прокофјев, Скрјабин, па сè до Шчедрин и Метнер.
Значајно место во целокупната кариера на Володин, заземаат неколкуте звучни снимки
што ги има направено изминативе години. Има издадено повеќе компакт-дискови со
солистичка музика од Рахмањинов, Шуман, Равел и Скрјабин, а за компакт-дискот со дела
од Шопен е награден со пет ѕвездички од „Дијапазон“. Во соработка со Оркестарот на
Марински театарот, под водство на Валериј Гергиев, Володин го издава компакт-дискот
со Концертот за пијано бр. 4 од Прокофјев и предизвикува огромен интерес кај музичката
јавност. Во 2016 година британскиот музички новинар и критичар Ерик Леви, по
преслушувањето на овој концерт, пишува:
„На брзите ставови им пристапува со огромна живост и невидена јаснотија во движењето
на прстите…, додека во бавните движења дозволува природната лирика на Прокофјев да
дојде до израз…“ – Ерик Леви, BBC music magazine, март 2016
За успешниот аудиозапис, своја оценка дава и критичарот Грахам Вилијамс: „Течниот и
навидум лесен, без напор пијанизам на Володин, во соработка со одличната придружба на
оркестарот и Гергиев, го извади најдоброто од ова неправедно запоставено дело…“ –
Грахам Вилијамс, HR audio, јануари 2016
Инаку, Володин, кој е ексклузивен уметник на компанијата „Стенвеј и синовите“, снима за
неколку издавачки куќи, при што неговите записи со дела од Шуман, Равел и Скрјабин се
здобија со исклучително високи оценки од рецензентите, а албумот на кој тој свири дела
од Шопен, не само што доби пет ѕвездички во „Дијапазон“ туку ја освои и наградата „Шок
класика“.
Едит Пења
Едит Пења е родена во Каракас, каде што го започнува своето музичко образование на
четиригодишна возраст. Четири години подоцна дебитира како солистка со оркестарот
„Симфоника“ на Венецуела, а истата година се преселува во САД, во Филаделфија, каде
што дебитира и со оркестарот на Филаделфија. Студира кај проф. Сузан Стар, а подоцна и
кај проф. Сергеј Бабајан во Кливленд.
Таа редовно настапува како солистка со оркестарот „Симон Боливар“ од Венецуела, а исто
така и како рецитален и соло пијанист со оркестри во Германија, Австрија, Полска,
Франција, САД, Мексико, Перу, Доминиканска Република, Шпанија, Велика Британија и
Канада.
Снимала со оркестарот на Националното радио на Венецуела, Шпанското национално
радио, Радио Франција. Издала це-де по повод 70-годишнината на оркестарот на
Венецуела, на кое го свири Вториот концерт за пијано и оркестар од Сен-Санс.
Во моментов живее во Мадрид од каде патува на светските концертни подиуми.
Гудни А. Емилсон
Гудни А. Емилсон е роден во Рејкјавик, Исланд. На четиригодишна возраст започнува да
зема часови по музика кај неговиот татко. Како магистранд на Државниот универзитет
Тросинген во Германија, студира пијано кај Волфганг Вагенхаусер и диригирање кај
Валтер Хаглер.
Посетувал мастер класови по диригирање кај Валтер Хаглер, Кирк Тревор, Лутц Кохлер,
Рудолф Баршаи, Илја Мусин, Хелмут Рилинг…
Како диригент настапил со водечки светски оркестри како Филхармонијата на Штутгарт,
Симфонискиот оркестар на Нирнберг, Симфонискиот оркестар на Гетинген, Камерниот
оркестар на Манхајм, Симфонискиот оркестар на универзитетот во Лајпциг и Северно-
германската филхармонија. Како диригент настапил и со оркестри во Црна Гора, Бугарија,
Грција, Чешка, Унгарија, Полска, Австрија. Надвор од Европа бил поканет како гостин-
диригент да го води Арктичкиот камерен оркестар (САД), оркестарот „Сеси“ (Бразил)…
Од 2000 до 2004 година тој е шеф-диригент на камерниот оркестар „Сук“ од Прага. Од
2005 година е шеф-диригент на Симфонискиот оркестар на Тајланд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.