Вечерва, во 20 часот, во Филхармонијата ќе се одржи концерт во рамките на програмата на фестивалот „Денови на македонска музика“. Диригент е Борјан Цанев, а како солисти ќе настапат Билјана Камчева – флејта, Лазар Соколов – кларинет, Огненка Герасимовска-Димитровска – пијано и Горан Начевски – баритон. На програмата се Концертот за флејта, кларинет и оркестар од Љубомир Бранѓолица, кој ќе доживее премиерна изведба, Концертот за пијано и оркестар од Властимир Николовски и симфонијата „Убави денови“ од Живоин Глишиќ.
Љубомир Бранѓолица (1932) е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на 20 век. Во неговиот исклучително богат творечки опус има и опери и балети, и камерни и хорски композиции, како и популарни песни и аранжмани на творби од други наши и странски автори. Неговите дела се тонални, со раскошна мелодика и со вешта оркестрација. Тоа е една од причините што постојано живеат на репертоарот на македонските и на светските музички уметници и ансамбли. Концерт за флејта, кларинет и оркестар е напишан во типичен стил на композиторот, кој претставува фузија на неокласика, неоромантизам.
Творештвото на Властимир Николовски (1925-2001) е исклучително богато и разновидно. Опфаќа над 140 музички композиции од речиси сите видови и жанрови на класичната музика, како и голем број публицистички трудови, во кои обработува различни прашања од музичката уметност. Концертот за пијано и оркестар му е посветен на пијанистот Владимир Крпан и е напишан во 1979 година.
Живоин Глишиќ (1954) го завршува образованието во Скопје. Интересот кон музиката и музичкото творештво, Живоин Глишиќ го пројавува многу рано. Влијание на определено насочување на тој интерес извршува Драган Ѓаконовски-Шпато, со кого соработува до крајот на неговиот живот. „Убави денови“ е прва симфонија во неговиот композиторски опус.
Добитникот на македонското признание на виртуози „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.