Прилепскиот театар во сабота премиерно ќе ја изведе претставата „Декамерон“ според Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски. Оваа е првата премиера годинава во театарот.
Според режисерот Мартин Кочовски, во околности на глобална општествена безизлезност, неизбежно е да се занимаваме со „Декамерон“, со триумфот на волјата на човекот, наспроти ужасната, незамислива препрека кон среќата – смртта. „Декамерон“ е претстава полна со живот.
Во оваа претстава станува збор за филозофската идеја за сакањето на животот, ценењето и радувањето на животот, додека сме сега и овде, а не некаде и некогаш. Мора да кажам дека талентот и посветеноста на екипата успеа да направат една од најважите работи што сум ги режирал. Затоа претставата е биографска, интимна, многу важна за мене, додаде режисерот Кочовски.
Лидија Митоска Ѓорѓиевска целосно драматуршки го приспособи делото на Бокачо.
Ова беше огромен предизвик за мене бидејќи ја правев целосната драматизација. Тоа е огромна задача. Во почетокот во процесот влегов со страв, но со секоја проба и на крајот ќе излезам со воодушевување. Понудивме едно современо читање на таканаречената „човечка комедија“ , која е различна од „Божествената комедија“, зашто овде човекот е во центарот. Се среќаваме и со комични и со трагични ситуации, но и со натприродни нишки. Се занимаваме со комплексни меѓучовечки односи, со кревкоста наспроти нашата издржливост и со очајот во кој некогаш нѐ фрлаат животот и светот. Се занимаваме и со нашата способност повторно да најдеме радост, посочи Митоска Ѓорѓиевска.
За актерот Александар Степанулески, во ова време на „темно“ живеење, повеќе од добредојдена е претставата „Декамерон“.
Како театарска екипа со режисерот Кочовски се во добар „брак“ веќе 15 години, со љубов соработуваме. Кога станува збор за претставата „Декамерон“, би рекол дека по темен среден век, се создаде ренесанса во која народот сакаше и водеше љубов отворено, се противеше на „божјите закони“. Но, секој век подоцна, до денес, имаше, и има „свој темен среден век“. Ние само што излеговме, или сѐ не, од еден „темен среден век“ и добредојдена е потребата да се направи „Декамерон“ од каква било причина: сексуална, животна, животно-изворна. Издвоено е сето што му треба на човекот на овој земен свет, изјави Степанулески.
Актерката Наташа Ачански потенцира дека во оваа претстава на Кочовски има силни емоции.
Одлично работевме, ја имаме одличната соработка веќе 15 години со режисерот Кочовски. Овојпат нема кревање на железа, гласна музика, но има многу силни емоции. Обработуваме дел: што може човек да посака, колку е слободен да каже што сака, што го прави среќен. Мислам дека сето тоа ќе успееме да го доловиме во претставата и да ѝ го пренесеме на публиката, додаде Ачански.
Сценографот Филип Јовановски смета дека сценографијата во претставата повеќе зборува „во слики“.
За темата – ренесанса со режисерот сме размислувале со години, сега се даде шанса да ја оствариме во претставата „Декамерон“ и да ја преточиме во „театарски јазик“ : Многу е различна со другите претстави на Кочовски со сценографските решенија и повеќе „зборува“ во слики. Со сценографијата произведуваме слика како дополнување на актерската игра, рече Јовановски.
Во претставата „Декамерон“ изграат Александар Степанулески, Александар Тодески, Ангела Наумоска, Андон Јованоски, Димитар Ѓорѓиевски, Димитар Црцороски, Здравко Стојмиров, Игор Трпчески, Илија Волчески, Леонардо Лазов, Марија Спиркоска Илијеска, Михајло Миленкоски, Наташа Ачански, Сара Спиркоска и Цветанка Чавлеска. Драматизацијата е на Лидија Митоска Ѓорѓиевска, сценографијата на Филип Јовановски, костимите се на Јулијана Војкова Нојман.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.