Илина Чоревска, за улогата на Медеја во претставата „My name id Medeja“ на Народен театар Битола и Дамјан Цветановски за улогата на Кристофер во „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар Скопје се добитници на наградите за најдобра главна женска и машка улога на 57. Македонски театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ кој вечерва завршува во Прилеп.

Претставата на битолскиот театар „My name is Medeja“ е најдобра претстава на годинашниов Фестивал во Прилеп.  Оваа претстава освои вкупно пет награди меѓу кои и за најдобра режија, за режисерот Себастијан Хорват и за главна женска улога на Чоревска, потоа за рекламен материјал на претставата кој го изработи Сашо Илковски, за музика на Драго Ивануша и за уметничко остварување во целина.

Уметничкиот директор Љумовиќ истакна дека „My Name is Medeja“ и „Чудна случка со кучето во ноќта“ се издвојуваа по својата естетика и по истражувачкиот театар што во нив го има. Жирито се согласи дека македонскиот театар треба да продолжи да истражува, дека актерската игра била најдоброто во сите претстави. Тие порачаа театарските менаџери повеќе да се фокусираат на домашната драма.

Естетските и уметничките квалитети на претставата на Битолскиот театар, и ставот на режисерот Хорват кој влегува во проблемите на современоста се нешто импресивно кои ја означуваат мисијата на театарот денес. Денешниот театар ја промислува современоста преку стварноста. Очигледно има две претстави кои се издвојуваат. Тие претстави покажуваат високо постигнат уметнички резултат, ансамблите исклучително го изнесоа режисерскиот концепт – истакна Љумовиќ.

„Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар, е наградена за кореографија и сценски движења (Симон Симоновски), потоа за костимографија (Елена Вангеловска и Раде Василев), за сценографија (Константин Трпеноски), а Емилија Мицевска ја доби наградата за женска епизодна улога за улогата на Џуди.

Наградата за современа сценска драматизација е доделена на Лидија Митоска – Ѓорѓиевска за драматизацијата на „Мистерија Буфо“ според Дарио Фо, во претставата „Мистерија буфо“ во изведба на театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

Награда за текст не беше доделена.

Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“, во изведба на Турски театар – Скопје, во копродукција со Машина продакшн и Пик продукција.

Матеа Јанковска ја доби наградата за млада актерка за улогата на Роња во претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“, во изведба на Театар за деца и младинци – Скопје.

Наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ ја доби Дин Ибрахим за улогата на Микаил во претставата „Човек перница“ во изведба на Турски театар – Скопје, во копродукција со Машина продакшн и Пик продукција.

Годинашново жири што одлучуваше за наградите на фестивалот е во состав: Јанко Љумовиќ, Милош Латиновиќ и Мирослав Мики Радолиќ.

На сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“ вечер од 20 часот свечено ќе бидат доделени наградите, а во чест на наградените ќе биде изведена претставата „Последниот балкански вампир“ ,со која гостува Српско народно позориште од Нови Сад. Со ова ќе биде затворен годинашниов 57 МТФ „Војдан Чернодрински“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.