Црногорските уметници, гитарското дуо Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ вечер ќе настапат во црквата „Света Софија“на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Маестралните гитаристи Кривокапиќ и Церовиќ, како што соопшти националната установа “Охридско лето“, заедно настапуваат на престижни фестивали и во познати концертни сали низ целиот свет меѓу кои Филхармонијата во Санкт Петербург, салата „Мануел де Фаља“ во Мадрид и „Концертгебау“ во Амстердам.

Дуото има широк репертоар кој се состои од транскрипции на „стара“ музика и оригинални композиции од XIX, XX и XXI, со особен акцент на современа музика за две гитари. Нивната образовна мисија ги води во Универзитетите во Монтреал и Торонто, Унверзитетите „Чапман“ и „Метрополитен“ во САД, конзерваториумот во Мастрихт, како и во повеќе образовни институции во Кина, стои во информацијата.

Првото ЦД на ова дуо е издадено во 2013 година во Црна Гора и содржи дела од Доменикони, Пјацола и Богдановиќ. Во 2015 година, издавачката куќа „Наксос“ го издала првото од серијата на ЦД-а посветени на Англиските свити на Ј. С. Бах во оригинални транскрипции на Церовиќ и Кривокапиќ, додека пак во 2018 следува второ ЦД, со кое се комплетира целиот опус на овие свити од Бах, кое добива одлични критики поради историската автентичност на изведбата и спецификите на транскрипциите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.