Шест минути траеше аплаузот по завршување на претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ со која Драмски театар Скопје гостуваше во Словенија. Во Љубљана, од 31 јануари до 4 февруари, во организација на „Местно гледалишче“ се одржува словенечкото издание на регионалниот театарски фестивал „РУТА група Триглав“.
Драмски театар Скопје вторпат ја крена публиката на нозе, овојпат со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“. Во главната улога овојпат блесна младиот актер Дамјан Цветановски, кој нас и екипата нѐ одведе во универзумот на момче со пореметување од аутистичен спектар, во универзумот на момче кое не може да лаже. Почитуван Драмски театар, ни беше големо задоволство и чест да бидеме домаќини. Едвај чекаме да видиме што ни подготвувате следната година, објави Местно гледалишче Љубљана.
Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ е авторска адаптација на Сајмон Стивенс, направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Режисерка е Зоја Бузалковска, професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Асистент на режија е Димче Николовски-Димската, драматург е Александра Бошковска.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.
Костимите во претставата се на Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и техниката фриранинг се на Симон Симоновски.
Премиерата на „Чудна случка со кучето во ноќта“ беше во декември 2021 година и досега има петнаесетина изведби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.