Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје во вторник (26 ноември) од 10 часот во едукативниот културен центар „Лабораториум“ го организира Четвртиот Меѓународен форум за креативни индустрии: Иновативноста и креативноста како капитал во креативната економија.
Форумот има за цел да ја истакне улогата на културата и креативноста како поттикнувачи на креативната економија, како и да ги анализира можностите што ги нудат иновациите и дигиталната трансформација.
Настанот ќе собере повеќе од 30 гости, различни засегнати страни, вклучувајќи претприемачи, иноватори, лидери во креативните индустрии, професори, граѓански организации, како и претставници од владини институции и меѓународни партнери.
Настанот ќе опфати повеќе теми и активности поврзани со креативните индустрии и нивниот придонес кон економскиот развој. Форумот ќе биде отворен со поздравни обраќања од претставници од донатори, владини официјални лица, меѓународни партнери и експерти од креативните индустрии. Оваа воведна сесија ќе ги постави насоките за понатамошни дискусии нагласувајќи ја улогата на креативноста и иновациите во глобалната економија.
Панел-дискусиите ќе се фокусираат на клучните аспекти на креативната економија. Во првиот панел, учесниците ќе дискутираат за главните бариери со кои се соочуваат малите и средните претпријатија при пристапот до глобалните пазари, а ќе се разгледаат и интервенциите што се потребни за градење капацитети и поттикнување инвестиции во креативните индустрии. На панелот ќе говорат извршната директорка на непрофитната организација Македонија 2025, Никица Мојсоска – Блажевски, Олимпија Христова Заевска, основачка на Елсон Солушнс и експерт за меѓународен бизнис и зелени финансии, Сања Лазаревска, основачка и директорка на брендот „Април22“ и Хејли Пеплер, креативен и културен стратег за Вест Мидлендс, Велика Британија.
Следниот панел ќе истражи како иновациите, дигиталните алатки, вештачката интелигенција и технолошките напредоци ги преобразуваат бизнис моделите во културните и креативните индустрии. На овој панел учесници се Артур Ле Гал, директор на „KEA European Affairs“ – интернационален политички истражувачки центар специјализиран за култура и креативни индустрии и за спорт, Анета Антова Пешева, претседателка на МАСИТ и основач на групацијата Ултра-Унет, Никола Додов, директор на ФИТР, Анис Сефиданис, проф. на Факултетот за машинска интелигенција и роботика во Охрид и Сузан Финеган, директорка на Culture Liverpool, Велика Британија.
Еден од клучните моменти ќе биде дискусијата за улогата на универзитетите и другите образовни институции во поддршката на креативната економија. Под модераторство на професорот на Економски факултет, Димитар Јовевски, ќе дискутираат Карлос Ваз де Карваљо (Универзитет Политехнико од Порто, Португалија), Ирис Цанај (Универзитет за арт Тирана и основач на НГО Доарт), Гордана Вренцоска (ФАД,Европски Универзитет), Димитар Трајанов (ФИНКИ) и Лејла Конвеј (London Legacy Development Corporation).
За правична компензација, права и финансиски можности во дигиталното доба ќе зборуваат Никола Секуловиќ (Коприва, Словенија), Ребека Буве (Auvibel, Белгија) и Криштоф ван Веренберх (Playright, Белгија).
Презентациите на иновативни модели од регионот и Европа ќе понудат практични примери на успешни иницијативи, како што се хабови, културни центри и пренаменети простори кои работат во интерес на креативната економија. Ана Илиќ, советничка за креативни индустрии на претседателката на Собранието и директор на националната платформа „Србија создава“, ќе го презентира проектот „Ложионица“, Беноа Гарет ќе го презентира креативниот хаб „Базар.Кооп“ од Лил, Франција, Бранимир Бане Жугиќ ќе го презентира креативниот центар во Котор, Црна Гора и Стефан Момиќ ќе зборува за пренамената на старата печатница на „Нова Македонија“ во денешен Лабораториум.
Во рамките на форумот, свои излагања и презентации ќе имаат и амбасадорката на Кралството Шведска во земјава, Ами Ларсон Џаин, претседателот на Македонската асоцијација за видео игри МГА, Гораст Цветковски, продуцентот Илија Тирицовски, креаторот на македонската видеоигра „Необичната приказна на Брајан Фишер“, Ристе Тутурески и Давид Ристовски од стрип заедницата „Парагонс“.
Форумот ќе заврши со сумирање на заклучоците од дискусиите, при што ќе бидат дадени конкретни препораки за политики и стратегии.
Претходниот ден, пак, на 25 ноември, во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, ќе се одржи консултативна средба со претставници од секторот во соработка со Британскиот совет.
Настанот е поддржан од УНЕСКО преку проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (Culture and Creativity for the Western Balkans), проект поддржан од Европската Унија кој има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание, Министерството за култура и туризам, Британскиот совет, а во соработка со иницијативата „Србија создава“ и КЕА Брисел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.