Четирите светски познати тенори од Италија, Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини под диригентската палка на Лоренцо Бицари придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет, ќе го отворат 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“,на 12 јули на Античкиот театар во Охрид .
Ова денеска на прес-конференција го најави директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, потсетувајќи дека врвни светски и докажани уметници годинава ќе испишат уште едно успешно фестивалско издание.
Нѐ очекуваат 40 атрактивни и возбудливи фестивалски вечери со богата фестивалска програма создадена од нашите врвни и докажани уметници, сега селектори на „Охридско лето“, маестра Бисера Чадловска, диригент во Националната Опера и Балет и Сања Арсовска актерка од Драмски театар Скопје. На годинешното 62-ро издание љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, Предворје на црквата Света Софија, како и самата Црква Света Софија и Центарот за култура, ќе пречекаме над 1000 уметници од 25 земји, најави директорката Поповиќ.
Новата селекторка на музичката програма на „Охридско лето“ Бисера Чадловска, издвои неколку настани кои годинава ќе ѝ понудат на публиката прекрасно музичко доживување.
Годинава ќе настапи камерниот оркестар „Профундис“, кој е еден од поновите македонски состави за камерно музицирање и кој бележи неколку успешни концерти со виртуозни програми. Би го издвоила настапот на Стефан Миленковиќ, уште од дете одлично познат на македонската публика. Врвен светски виолинист кој нема потреба посебно да го претставувам. Неговите настапи на фестивалот се речиси традиција и секогаш предизвикуваат еуфорија кај публиката. На роденденот на „Охридско лето“, ќе имаме можност да го видиме фламенко балетот „Луксурија“, спектакл базиран на традиционални шпански фламенко танци. Во соработка со Факултетот за музичка уметност од Скопје, ќе се промовираат циклус од осум книги од композиторот и професор Димитрије Бужаровски, кој и самиот во неколку наврати беше селектор на фестивалот „Охридско лето“. Ќе настапи уште еден виолинист, многу добро познат на македонската публика – Шломо Минц. Оваа година фестивалот ќе го затвориме со еден многу посебен настан, посветен на еден исклучителен човек. Одлучив тоа да биде концерт посветен на делото на легендарниот македонски композитор Александар Џамбазов, кој почина годинава. На концертот, македонски уметници ќе изведат дел од неговите најубави дела, рече музичката селекторка Бисера Чадловска.
Богатата драмска програма на годинешното 62-ро „Охридско лето“ , како што најави селекторката на драмската програма, Сања Арсовска, ќе ја предводат Њујоршката Ла Мама со копродуциската „Балкан Бордело“, белградските „Војна и мир“ и „Вујко Вања“, украинската „Кротењето на опаката“ , како и шест исклучителни домашни претстави.
62-то „Охридско лето“ по правило носи претстави и театри кои македонската публика немала прилика да ги види, а кои отскокнуваат со својот квалитет, форма, актуелност и наратив.
Најстариот македонски интернационален фестивал инсистира на остварување на високи уметнички амбиции и емотивна комуникација со публиката отсликувајќи го сето она што сѐ случува во и околу нас. Затоа, годинешната програма е селектирана по принципот на глобална важност, на проблемите кои ги живееме, кои нѐ допираат и нѐ образуваат. За првпат, доминанти во програмата се жени режисерки. Шест режисерки и четворица режисери со своите претстави ќе дадат печат на ова фестивалско издание. Вкупно десет претстави од кои шест домашни и четири странски претстави кои публиката ќе има прилика да ги погледне. Сите од нив ќе прикажат различни светови, различни приказни, различни сценски јазици. Со селектираната театарска програма настојувавме на актуелност во темите, на различни сценски форми, на промоција на нови модерни драми, на ново и современо читање на веќе познатите драмски и книжевни дела, на претстави кои ќе успеат да го погалат или да му удрат шлаканица на гледачот и во никој случај да не го остават рамнодушен, рече селекторката на драмската фестивалка програма Сања Арсовска.
Во делот на новините што ќе бидат претставени на ова фестивалско издание, директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ најави дека од годинава, за првпат химната на „Охридско лето“ создадена во 1976 година од еден од најпознатите македонски композитори Томислав Зографски, ќе се интонира во изведба на солисти-дувачи од Оркестарот на Националната опера и балет кои ја отсвирија и снимија по оригиналниот нотен запис специјално за потребите на фестивалот.
Како дел од новините, од ова фестивалско издание ќе биде и нова веб-страна создадена од професионалниот тим на интернет провајдерот УНЕТ, решение кое ги задоволува потребите на Фестивалот, но притоа ги следи светските трендови во технологијата и дизајнот. Годинешното идејно решение за рекламниот материјал е изработено од маркетинг агенцијата „Идеа плус“, рече Поповиќ. Како што кажа таа, дизајнот ја отсликува замислата да се поврзе автентичноста на локацијата со музичко-сценскиот аспект на манифестацијата покажувајќи го патот кој води до терасата на најубавата сцена, Долни Сарај. Главниот фокус во оваа креатива се скалите стилизирани како пијано, кои поминуваат низ портата и го претставуваат почетокот на едно незаборавно културно доживување.
Шеесет и второто издание на „Охридско лето“ кое нуди богата програма, и годинава нема да ги одмине традиционалните настани како што се Вечерта на Европската унија, Италијанската вечер, Француската вечер, Грчка вечер, Американска вечер…
Директорката на „Охридско лето “, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција потенцира дека најреномираната манифестација со интернационален предзнак која е дел од Европската асоцијација на фестивали, не може да се гради и надградува ако ја нема поддршката од Претседателот на државата кој е покровител на манифестацијата, Владата на Република Македонија преку ресорното Министерство за култура, Општина Охрид, генералниот спонзор Македонски телеком, како и од останатите бројни спонзори и помагатели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.