„Валкира“ на софиската опера и балет ја крена на нозе полната сала на Националната опера и балет во Скопје. Четиричасовната изведба, во режија на Пламен Карталов, беше претставена во рамките на 52. издание на „Мајски оперски вечери“ , а меѓу присутните беше и претседателката на државата, Гордана Сиљановска.
Тим од повеќе од 130 бугарски солисти, оркестарот и балетот дојдоа во македонскиот главен град и предизвикаа огромен интерес – салата беше целосно распродадена.
Гостувањето на спектакуларната епска музичка драма „Валкира“, од прочуениот германски композитор Рихард Вагнер, во продукција на Софиската опера и балет е реализирано партнерски меѓу македонското и бугарското министерство за култура. Постановката на „Валкира“ ја режираше Пламен Карталов, кој воедно е и директор на Софиската опера и балет, а со оркестарот диригираше маестро Еван Алексис Kрист од САД, сценограф Ханс Кудлич, а костимите се на Кристијан Михалева-Зорбалиева.
Директорот на Софиската опера и балет и директор на претставата, Пламен Карталов, се заблагодари за „дарежливиот и гостопримлив пречек“ од раководството на Националната опера и балет во Скопје.
Сакам да ве уверам дека нашите контакти ќе бидат навистина плодни. Ве чекаме во Софија во септември да покажеме како функционира културната дипломатија, рекол Карталов.
Националната опера и балет на Македонија во септември ќе гостува во Софија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.