Францускиот град Бурж ќе биде европска престолнина на културата во 2028 година, објави Росела Тарантино, претседател на жирито.

Избраниот француски град ќе ја понесе таа титула, што носи значителни економски и туристички придобивки.

Други француски градови во конкуренција беа Руан (северозападно), Монпеље (југ) и Клермон-Феран (централен дел).

Жирито со 12 члена од европски земји, избирајќи меѓу четири града, посвети посебно внимание на придонесот на проектот за долгорочниот развој на градот, на културно-уметничките содржини што ги нуди, неговата европска димензија, вклученоста на граѓанското општество во дефинирањето и подготовката на презентираниот проект, како и неговиот буџет.

Покренат во 1985 година под водство на Франција и Грција, системот на европска престолнина на културата има за цел да го стимулира културниот туризам преку организирање изложби, фестивали, па дури и изградба на музеи.

Според правилата на Европската комисија и во 2028 година три града ќе ја носат титулата европски престолнини на културата, односно два од ЕУ (еден град во Чешка, еден во Франција) и еден град од земја надвор од Европската Унија, од земја членка на ЕФТА/ЕЕА, земја кандидат или потенцијален кандидат за членство во ЕУ.

На Скопје во финалниот избор за титулата Европска престолнина на културата 2028 од земја надвор од ЕУ конкуренција му беше Будва.

Во рамки на целокупниот изборен процес на градовите што ќе ја носат престижната титула, Град Скопје беше официјално избран на 20 септември (самиот настан и прогласувањето беа пренесени во живо на повеќе медиуми во Македонија), претходно беше избран градот Ческе Будјејовице од Чешката Република, а вчера (13 декември, како што беше најавено) беше избран и последниот град – претставник од Франција, Бурж.

Значи за Европски престолнини на културата за 2028 година се избрани: Скопје, Ческе Будјејовице од Чешката Република и Бурж од Франција.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.