Бугарскиот писател Георги Господинов ја доби престижната меѓународна Букерова награда за романот „Засолниште во времето“. Ова е првпат бугарски писател да ја добие оваа престижна литературна награда.
Претседателката на жири-комисијата, Лејла Слимани, го опиша романот како „брилијантен, полн со иронија и меланхолија“.
Се работи за многу длабока тема која се занимава со современо и филозофско прашање – што се случува со нас кога нашите спомени исчезнуваат?“, додава Слимани.
Во „Засолниште во времето“ се раскажува приказна за отворање на „клиника за минатото“ која нуди ветувачки третман за пациенти со Алцхајмерова болест. Секој кат од клиниката прикажува една деценија во најситни детали, каде се` – од мебелот, цигарите и пијалаците се од таа ера, па до весници кои го опфаќаат секој ден од декадата. Како што се шири зборот за оваа клиника, во неа започнуваат да бараат прибежиште и здрави луѓе за да избегаат од хоророт на модерниот живот.
Според Слимани, романот отвора прашања за начинот на кој нашите спомени го чуваат идентитетот и нашиот интимен наратив.
Но, истовремено тоа е и голем роман за Европа, континентот на кому му е потребна иднина, каде минатото се менува и носталгијата е отров. Ни дава перспектива на гостината на земји како Бугарија, кои беа во срцето на идеолошкиот конфликт меѓу Западот и комунистичкиот свет, додаваа таа.
Паричната награда од 50.000 фунти ќе биде поделена помеѓу авторот и преведувачот и се доделува секоја година за роман или збирка на кратки раскази кој е преведен на англиски од било кој светски јазик и кој е објавен во Велика Британија или Ирска.
Романот „Засолниште во времето“, кој излезе кон крајот на 2021, на македонски јазик го објави издавачката куќа „Или-Или“. Преводот од бугарски на македонски јазик е на Душко Крстевски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата е дел од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
Други дела на Господинов кои се објавени на македонски јазик се: „Природен роман“ („Темплум“/„Или-Или“), „И други приказни“ („Темплум“), „Балади и распади“ („Блесок“), „Физика на тагата“ („Или-Или“), „И сè стана месечина“ („Или-Или“) и „Сите наши тела“ („Или-Или“).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.