Светскиот ден на поезијата се одбележува на 21 март, а по тој повод во земјава се организираат бројни поетски, книжевни и културни настани за сите генерации поети.

Дирекцијата на Струшките вечери на поезијата подоцна организираат поетско читање во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга на кое ќе настапат истакнати поети од Струга, Вевчани, Охрид, Кичево и од
Скопје, а ќе бидат прочитани и песни од добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ за 2024 година. Читањето ќе биде од 18:30 часот.

Во просториите на Европската куќа во Струга (Europe House Struga) ќе се случува поетско читање за млади – „Пулсот на поезијата“ на кое ќе читаат млади поети од различни градови. По тоа ќе има концерт на Пијан Славеј.

Книжевниот клуб Куманово на 23 март (сабота) го организира настанот „Во друштво на поетите“ во кафе-книжарницата „Букси“ во Куманово. На настанот кој ќе започне во 12 часот свои стихови ќе читаат Христина Кочовска, Христијан Илиевски, Александра Илиева, Розе Укоска, Кристина Ставревска, Магдалена Петровска, Марија Колевски, Софија Величковска, Анастасија Анѓеловска, Даниела Ефтимова, Јована Лазаревска, Андреј Трајковски, Кристијан Блажевски, Бојан Димовски, Христијан Мурџески, Соња Милошоска и Рената Пусоска.

„Напиши стих – купи кафе“ е настанот што ќе се случува утре (21 март) од 10 до 12 часот во Прличевата одаја во Градската библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.

„Тоа е наш обид да ги натераме луѓето да бидат креативни, да размислуваат не само локално туку и глобално и за себе и за другите, на еден посебен начин. Оваа иницијатива е почната во 1999-та година, кога УНЕСКО во Париз го прогласи 21 Март за Светски ден на поезијата, а ние веќе петта година како Установа го организираме настанот, во Охрид“, велат од библиотеката.

Оттаму додаваат дека сите се добредојдени да учествуваат, а во библиотеката ги чека топло кафе и парче хартија на кое може да се напише своја или да се цитира нечија мисла.

Во Скопје Сити мол е отворањето на настанот „Денови на поезијата“ кој ќе трае до недела (24 март). Настанот ќе го отвори актерот Никола Ристановски со интерпретација на стихови Кочо Рацин, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски и Влада Урошевиќ во 18 часот.

Потоа за нив ќе говори професорката Весна Мојсова Чепишевска, а тоа ќе го проследат препеви на поезијата на Ацо Шопов на повеќе јазици.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.