Годинава, на 69. издание на Стериино позорје, ансамблот на Народен театар Битола ќе се натпреварува со претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ, во режија на Кокан Младеновиќ.
Фестивалот ќе се одржи од 26 мај до 3 јуни во Нови Сад.
Во претставата играат: Сандра Грибовска Илиевска, Викторија Степановска Јанкуловска, Илина Чоревска, Катерина Аневска Дранговска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Мартин Мирчевски, Никола Пројчевски, Марјан Георгиевски, Филип Мирчевски, Живко Борисовски, Огнен Дранговски, Петар Горко и Никола Стефанов.
„Брод за кукли“ е приказна за една или сите женски судбини, или за сите човечки судбини – како една жена го доживува својот живот како серија за неостварени бајки.
Во процесот на селекција д-р Ана Тасиќ, театролог и театарски критичар информира дека погледнала 70 претстави од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Унгарија и Србија, а приоритетен критериум во изборот на претставите бил нивниот уметнички квалитет, вредноста на драмскиот текст, режијата, глумата, музиката, сценографијата и костимите, а како единствен македонски претставник избран е НУ Народен театар-Битола.
Стериино позорје е еден од најначајните фестивали во регионот. На оваа престижна манифестација ќе се натпреваруваме по пауза од 33 години и повторно во силна конкуренција. Учеството на фестивалот го сметам како еден од најголемите успеси во поновата историја на Народен театар-Битола и македонскиот театар воопшто. Селекцијата што ја направи селекторката Ана Тасиќ сама по себе за нас претставува признание за нашата идеја континуирано да создаваме театар кој е жив, актуелен и говори гласно. Претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ во режија на Кокан Младеновиќ е бајка без среќен крај. Инисценции на текстот се видени неколку пати низ годините на Стериино позорје, и не се сомневам дека тоа ќе биде интересно како за публиката, така и за жирито кое ќе ја оценува нашата претстава. Се надевам на успех, истакна за МИА, Иван Јерчиќ, директор на НУ Народен театар-Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.