На денешната прес-конференција, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска говореше за заштитата на културното наследство, како и на актуелните случувања во Охридскиот Регион.

Поради актуелноста на некои од прашањата, Костадиновска-Стојчевска одржа и седници со Националната комисија на УНЕСКО и со Националниот совет за културно наследство.

Ја поздравувам одлуката на Битолскиот суд кој го уважи предлогот на Основното јавно обвинителство Битола и изрече забрана за вршење на ископ на подрачјето на Задбрдо, како дел од локалитетот Влахо, општина Новаци, од страна на концесионерот до правосилно завршување на постапката која во ОЈО Битола се води за кривично дело ‘оштетување или уништување на добра…’ од чл. 264 од Кривичниот законик. Ја поздравувам и брзата реакција на Основното јавно обвинителство Битола“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска околу продолжувањето на работата на концесионерот на локалитетот Влахо, и покрај забраната која е изречена заради извршување на законските заштитни конзерваторски работи.

Одлуката на Битолскиот суд следи по реакцијата на Министерството за култура соодветните институции за заштита веднаш да ги активираат своите законски надлежности по алармантните укажувања од стручните лица за случувањата на локалитетот Влахо.

Костадиновска-Стојчевска по седницата со Националната комисија за УНЕСКО, информираше дека по прашањето со изградбата на објект на крајбрежјето во Лагадин е заклучено дека се препорачува Општина Охрид повторно да ги разгледа активностите поврзани за градба на објект на крајбрежјето во Лагадин, притоа водејќи се по препораките од Реактивните мониторинг мисии на советодавните тела на УНЕСКО и Одлуките на Комитетот за светско наследство и почитувајќи го Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

Силно препорачуваме сите активности поврзани со овој објект да бидат ставени во мирување до конечноста на одлуката на Општина Охрид“, подвлече министерката која е претседателка на Националната комисија за УНЕСКО.

Министерката информираше дека Комисијата препорачува Општина Охрид, следејќи ги препораките од Реактивните мониторинг мисии на советодавните тела на УНЕСКО и Одлуките на Комитетот за светско наследство, и водејќи се по одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, да ја поништи донесената Одлука за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти  и да донесе нова Одлука која ќе биде во согласност со Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

Во новата Одлука, Општина Охрид треба да има предвид дека Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не предвидува исклучоци како што е наведено во членот 4 од Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, заклучи Костадиновска-Стојчевска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.