Професионалниот ангажман на диригентката Бисера Чадловска започнува во декември 2002 година, кога за првпат е ангажирана во премиерната поставка на операта „Кармен“ во Националната опера и балет, како хор-мајстор на детскиот хор при МКЦ. Веќе во јануари следната година е ангажирана како хор-мајстор во операта, каде многу брзо напредува и започнува да диригира оперски и балетски претстави. Под нејзината диригентска палка се изведени голем број на премиерни изведби и наслови од тековниот репертоар на Националната опера и балет. Таа е првата жена диригент во Македонија, но важи и како еден од најплодните македонски оперски и балетски диригенти, со завидна бројка на над 50 оперски и балетски наслови во текот на нејзиното 20 годишно работење како прв диригент во Националната опера и балет.
Диригентката Бисера Чадловска, на 24 февруари, со изведба на оперската претстава „Боеми“ од Џакомо Пучини, ќе го одбележи јубилејот 20 години уметничка дејност на сцената на Националната опера и балет.
Додека студирав на одделот по оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност, предметот Оперско студио го слушав кај познатиот оперски диригент Александар Лековски. Една негова реченица ми остана во сеќавање: „првите 20 години во професијата се најтешки, понатаму се е лесно“. Никогаш не се замислував себеси како оперски диригент, се додека за првпат не стапнав на оперската сцена. Мојата работа стана огромен дел од мојот живот и неизмерно ја засакав. Во овие 20 години, успеав да издиригирам многу од делата кои од секогаш сакав да ги диригирам, но и многу дела за кои не знаев ни дека постојат.
Музиката е неисцрпен извор на убавина, а една од моите желби секогаш беше да ја диригирам операта „Боеми“. Во изминатите 20 години, ја немав таа можност и затоа одлучив за овој мој прв поголем јубилеј да ја диригирам токму оваа опера. Таа е голем диригентски предизвик, прекрасна и емотивна музика. Задоволството е уште поголемо бидејќи сцената ќе ја делам со моите колеги од оркестарот, хорот и солистичкиот ансамбл на Националната опера и балет, со кои соработувам сиве овие години, вели Чадловска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.