Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во Предворјето на црквата „Света Софија“ беше изведена монодрамата „ Бикот на Фаларис-Решавање на загатката на прекрасниот голем свет“ напишана и изведена од Стивен Фридман.
Овој настан се одржа во рамките на Американската вечер која беше поддржана од Амбасадата на САД во Македонија.
Живееме во прекрасен и претежок голем свет во кој болката станува убавина. Се надевам дека секој од нас ќе се пронајде во оваа монодрама. Голема благодарност до Ерик Мејер, заменик-шеф на мисијата на Американската амбасада којашто го поддржа овој проект и до Стејтдепартментот во Вашингтон, рече во своето обраќање, директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на САД во земјава, Ерик Мејер најавувајќи го големиот американски уметник рече дека е голема чест да се биде дел од фестивалот.
Честитки за овој прекрасен фестивал кој се одржува на извонредно место во преубавиот град. Бев почестен да присуствувам на отворањето на фестивалот пред неколку дена и среќен сум заради нашата соработка. Голема е честа и да се најави Стивен Фридман, голем филозоф и уметник кој беше признаен и од Њујорк Тајмс како генијален филозоф, истакна Мејер.
Американскиот уметник и филозоф, Стивен Фридман во речиси два часа, ја подели монодрамата, на автобиографија и проблеми, а во вториот дел се фокусира кон решавањето на проблемите.
Не грижете се ако не сфатите некои зборови, реченици, па дури и концепти на драмата. Кога ќе се сретнеме со нешто првпат, никогаш не можеме да го разбереме перфектно. Драмата е поделена на два чина, првиот е автобиографија и проблеми, а вториот е фокусиран на решавање на проблемите. И најважно што сакам да нагласам е дека целта на драмата не е да се фокусираме на мене, туку да се доловат околностите кои ги овозможија резултатите, кажа авторот и изведувач на монодрамата „Бикот на Фаларис“, Стивен Фридман.
Бикот на Фаларис или таканаречениот бронзен бик е справа за мачење и направа за извршување на погубувања осмислена во Стара Грција. Според записите на Диодор Сицилиски, Перил од Атина го осмислил и го предложил бронзениот бик како справа која тиранинот Фаларис од Сицилија би ја користел за погубување на криминалците. Бикот целосно бил направен од бронза, шуплив одвнатре со вратичка отстрана. Бикот бил со облик и големина на жив бик и имал вграден звучен апарат кој вресоците ги претворал во бревтање. Oсудените биле заклучувани во бикот и се палел оган под справата, кој го загревал металот а личноста – жива, во внатрешноста се печела до смрт.Фаларис заповедал да се осмисли бик на таков начин што чадот кој излегувал од него да мириса на парфем. Главата на бикот била осмислена со сложен систем на цевки и прегради кои обезбедувале вресоците да бидат претворени во звуци кои наликувале на збеснат бик. Според легендата, кога бикот ќе се отворел, изгорените коски на погубениот „светеле како накит и од нив биле правени алки “.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.