Библиотекарското здружение на Македонија ја прогласи НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид за „Библиотека на годината“. Во образложението на Комисијата се вели: По внимателно разгледување на приложените документи за избор на признанието „Библиотека на годината за 2022 година”, Комисијата во состав: Јана Михајловска-Иванов, Гордана Ѓоргиевска-Неделковски, Андријана Апостоловска, Елена Станкоска и Ѓултен Ајрули ја донесоа следнава Одлука: Во категоријата основни училишта признанието го добива Основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ – Скопје и библиотекарката Славица Тодорова; од категоријата средни училишта признанието го добива Средното училиште „Јосип Броз Тито“ – Битола и библиотекарот Драган Ристевски и во категоријата Национални установи признанието го добива НУБ „Григор Прличев“ – Охрид, директорот Милчо Јованоски.
И така. Стигнавме до признанието БИБЛИОТЕКА НА ГОДИНАТА во категоријата на Национални установи од областа на библиотекарството. Ангажманот на сите колеги и излегувањето од комфорната зона го донесе успехот препознаен од колегите – членови на Комисијата. Библиотеката е нашиот втор дом а читателите се нашето пошироко семејство. Од срце Ви благодарам на сите, напиша на социјалните мрежи м-р Милчо Јованоски , директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид и додаде: Городоста е поголема , бидејќи признанието стигна во годината кога одбележуваме седум децении откако Библиотеката го носи името на поетот и преродбеник Прличев!
Признанието на Библиотеката ќе и биде доделено на 7 декември во НУ НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје во 14.00 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.