Во пресрет на манифестацијата „Прличеви беседи“ 2023 годинава за прв пат НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид распиша  Конкурс за избор на најдобра беседа посветена на нашиот патрон, големиот поет и преродбеник Григор Прличев под наслов: „Прличев и ние“.

Од пристигнатите седум беседи на распишаниот Конкурс комисијата оценувајќи ја  нивната уметничка, јазична и естетско – етичка содржина одбра три.  За најдобра е прогласена беседата „Прличев и ние“ под шифра: „Гроф“ , втората награда е за беседата под ист наслов но под шифра „Ѕвезда“ а третата награда ќе оди во рацете на авторот на беседата под шифра: „Информатичарот“.

-Останува добитниците на наградите да го докажат својот идентитет со примерок од испратената творба.  Целта на конкурсот беше  да го поттикнеме творештвото на младите луѓе да пишуваат креативно и да го збогатат својот говорен израз. Познато е и од неговата „Автобиографија“ дека Прличев најчесто во недела држел беседи пред своите сограѓани – охриѓани на различни теми во црквата „Св. Богородица – Перивлепта“, велат од Библиотеката.

На Конкурсот можеа  да се пријават  сите млади од општините Охрид и Дебрца  од 15 до 30 годишна возраст, велат од Библиотеката.

Наградите на најдобрите тројца автори ќе им бидат врачени на 6 февруари на манифестацијата „Прличеви беседи“ во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.