Годинашното 72. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин (Берлинале) ќе биде отворено на 10 февруари, со филмот „Петер фон Кант“ на францускиот режисер Франсоа Озон, со француската глумица Изабел Аџани во главната улога, соопштија синоќа организаторите.
Посебно сме среќни што повторно му посакавме добредојде на Франсоа Озон и го отворивме фестивалот со неговиот филм, нагласија организаторите на фестивалот којшто ќе се одржи од 10 до 16 февруари.
Жирито на најголемиот европски филмски фестивал по Кан и Венеција ќе го води американскиот режисер М. Најт Шјамалан. Фестивалот годинава ќе се одржува главно со физичко присуство на гостите, за разлика од минатогодишното издание што беше онлајн поради епидемијата на коронавирусот.
„Златната мечка“ лани ја освои филмот „Лоша среќа за непромисленото порно“ на романскиот режисер Раду Жуде.
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал е основан 1951 година и од 1978 редовно се одржува секоја година во февруари. На фестивалот во Берлин се доделуваат наградите „Златна мечка“ за најдобар филм, „Големата награда“ на жирито, како и „Сребрени мечки“ за најдобар режисер, глумец, глумица, сценарист и филмска музика. Од 1992 година, фестивалот ја доделува и наградата „Теди“ за филм што се занимава со ЛГБТ-популацијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.