Во издание на „Бата прес“ се објави романот „Стриптиз на душата“ од Филип Георгиевски. Познатиот писател, професор и книжевен критичар Александар Прокопиев, во рецензијата за делото бележи: „По неколкуте извонредни поетски збирки, поетот Филип Георгиевски сега се пројавува како автор на роман. Уште на самиот почеток на делото, во прологот се навестува дека романот ќе има длабоко рефлексивен, психолошки и филозофски пристап.“
Станува збор за дело во кое на простор од нешто повеќе од сто страници, низ главните ликови, авторот создава Фројдовски слики за борбата на доброто и злото, за верата и неверата. Георгиевски уште во прологот на романот го нагласува овој пристап: „Спротивноста го раздвижува постоењето. Ако не постои спротивност, ништо, ама баш ништо нема да се случува. Нема да постои искра за огнот, пламен за огништето и запалка за хартијата. Нема да опстои ни идејата за спротивставување, зашто таа произлегува од стравот да му опонираш на тоа што не ти се допаѓа и не се вклопува во твојата идеологија врежана во кодот на опстојување и дејствување. Тоа значи да се одбере меѓу она што се нарекува распнат за доброто и погубен во името на злото што постојано се повторува без оглед на идентитетите што ги нарекуваме луѓе. Идентитетот е лозинката за влез…“ Романот ќе биде промовиран на саемските манифестации во Скопје, Битола, Штип, Охрид и Тетово.
Филип Георгиевски е роден 1975 година во Скопје. Досега ги објавил стихозбирките: „Ново Видение“ (2010), „Чудодејствија“ (2011), „Под стреите на темнината“ (2011), „Соголување“ (2012), „Оросница“ (2015), „Песни за љубовта и смртта“ (2016).
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2013 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.