Денес во 17 часот, во Промотивниот центар на Саемот на книгата во спортскиот центар „Борис Трајковски“, издавачката куќа „Бата прес“ ќе ја промовира монографијата „Македонија, Горна Река – село Кичиница, историски видувања и записи“ од Драган Попоски-Стојнин. Книгата ќе ја промовираат Мишо Китаноски, писател, новинар и публицист, како и историчарот д-р Михајло Миноски, кој е и еден од рецензентите на делото.
Книгата е полемична. Драган Поповски-Стојнин со многубројни документи и артефакти, ги оспорува тезите на поранешниот пратеник на ДУИ Бранко Манојловски и на д-р Бранко Синадиноски за етничката и верската припадност на жителите од овој крај, кои тврдат дека во Кичиница живеат православни Албанци.
Станува монографија која е плод на долгогодишна подготовка и во која се истражува историјата на Кичиница, на селата во Горна Река, топонимите низ историјата, јазикот, верата христијанска, обичаите, црквите, манастирите, празнувањата на црковните празници, традиции, прекројувањето на историјата од окупаторите, крадењето на црковната и другата историја од Македонците, исламизацијата, отпорот на горнореканците кон албанизацијата…
„Во монографијата е претставено историското минато, милениумскиот континуитет на опстојувањето на Македонците на Балканскиот Македонски Полуостров, како што го именува Попоски. Именување засновано на претставените факти за етногенезата на Македонците споредбено со етногенезата на Грците, Бугарите и Албанците, доселувани и населувани низ столетијата“, пишува во рецензијата д-р Михајло Миноски.
Ефтим Клетников, познат македонски поет, преведувач, книжевен критичар и есеист, во рецензијата за книгата, меѓу другото пишува:
„И сѐ тоа е многу важно, затоа што Драган Попоски–Стојнин во својата потрага по македонскиот идентитет во неговата книга, а поаѓајки од Кичиница како модерен архетип на македонскиот историски проклетилак, интуитивно и со една понорна рефлексија, сјајно се надоврзува на најзначајниот во однос на идентитетот македонскиот преродбеник Ѓорѓија Пулески
Драган Попоски-Стојнин е роден 1940 година, во Вевчани. Виорот на Втората светска војна трагичен е и за неговата фамилија и како дете без родители растел во детските домови во Битола, Скопје, Кратово, Ресен, Битола, Валандово, Битола. Во Битола, во 1960 година завршил гимназија, а Медицински факултет и специјализација завршил во Скопје.
Работел како лекар, а во 1992 година, меѓу првите во Република Македонија, ја формира Приватната здравствена организација, аптеки „Биолек“. Покрај медицинската дејност, тој го проучува и демографското прашање во Република Македонија. Хоби му се сликарство и други уметнички ракотворби.
Во 2017 година во издание на „Бата прес“ ја објави поетската книга „Резби„
По пензионирањето живее и твори во Охрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.