До редакцијата на „Република онлајн“ поранешниот в.д. директор на НУ Филхармонија, м-р. Даниел Лазаровски испрати барање за јавно извинување од диригентот Јерухам Шаровски, а по повод објавеното интервју „Оркестарот на Македонската филхармонија можеби нема перфектна техника како германскиот, нема голем буџет како американскиот оркестар, но има скриено оружје, а тоа е страста.
Барањето за јавно извинување го објавуваме во целост.
Господин Јерухам Шаровски,
Ви се обраќам по повод јавно објавеното интервју на порталот „Република.мк“, на ден 01.04.2024 година во кое изнесувате невистинити тврдења за факти што се штетни за мојата чест и углед, а сте знаеле, сте можеле да знаете или сте биле должен да знаете дека се невистинити. Невистинитите факти кои ги имате издадено во интервјуто се тврдењата, цитирам:
„Поминаа низ тежок период, а во животот секогаш е така, по темнината доаѓа светлина“, „Имавме план да направиме прекрасна турнеја во Шпанија, но таа беше откажана и сега е мошне тешко повторно да се обнови договорот“, „ Кога еднаш ќе разочарате некого, несериозно е повторно да барате доверба. Да се изгради е тешко, одзема време, енергија, лична заложба…, а да се уништи е многу лесно. Со лоши постапки многу лесно уништувате години на работа, наследство, етичко однесување, професионализам. Тоа што овде се случи, во оваа институција, може во иднина да има многу сериозни и длабоки последици.“ , „Работиме да го надминеме тоа. Уметничкот свет е многу мал и странските менаџери и уметници веднаш ја добија таа информација, па можеби повеќе нема да сакаат да бидат поврзани на никаков начин со овој оркестар.“, „За среќа, министерката за култура навреме го согледа проблемот и презеде итни чекори да го смени поранешниот директор кој беше на функција само пет месеци и сега сите работиме со полна пареа, почнувајќи од библиотекарот до директорката, музичарите, разгледуваме како да се подобри ситуацијата“.
Посочените невистинити факти сте ги изнеле за мене лично, со намера да ми се нанесе сериозна повреда на мојата чест и углед. Ваквите невистинити факти се изјавени од ваша страна со единствена цел и јасна намера да бидам наклеветен, да се стави јавноста во заблуда која потоа би донела погрешни заклучоци за постоење на неточни и недокажани факти. Поради сите овие невистини клевети изнесени кон мене, јавно Ве повикувам господине Јерухам Шаровски, во рок од 48 часа, јавно да ги повлечете сите изнесени навреди, лаги и клевети на порталот „Република.мк“ и на истиот јавно да ми се извините. Доколку во определениот рок тоа не го сторите, против Вас ќе биде поднесена тужба за клевета и навреда пред надлежен суд.
Со почит,
Поранешен В.Д. директор
М-р. Даниел Лазаровски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.