Во Националната опера и балет на Македонија во Скопје, денеска гостува балетот на Државната опера од Пловдив. Пред публиката ќе се претстават со балетските едночинки „Долгата божиќна вечера“ и „Жени во Д-мол“. Костимограф е Раду Поклитару, сценограф е Андреј Злобин, костимограф – Дмитро Курјата, а светло дизајнер е Лена Антохина.
Настапуваат балетските уметници од балетот при Државната опера – Пловдив, Р. Бугарија. Гостувањето се реализира во соработка на Националната опера и балет на РСМ и Културно-информативниот центар на Р. Бугарија во Скопје.
„Долгата божиќна вечера“, се наведува во соопштението од БГКИЦ – Скопје, е балет-рефлексија за минливоста на животот, за суетните и бескорисни нешта со кои ги исполнуваме драгоцените минути, часови и години од нашиот престој на Земјата. Продукцијата следи деведесет години од животот на едно аристократско семејство, минувајќи во серија божиќни вечери.
„Жени во Д-Мол“ е изведба проткаена со почит кон генијалноста на Ј. С. Бах. Раду Поклитару раскажува трагична приказна за непостоечко женско пријателство, кое служи само како изговор за расплетот на невообичаено сложени повеќефигурни композиции и продорни дуетни фрагменти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.