Мирженка Чехова (1982) е една од најинтересните претставнички на современиот експериментален балетски и физички театар во Чешка, режисерка и изведувачка на перформанси, кореографка, универзитетска професорка и писателкa. Како мултидисциплинарен артист има зборувано на ТЕД-конференцијата во Прага и била програмски директор на Чешкиот центар во Њујорк. Има коосновано две театарски компании: „Спитфајр компани“ и „ТантеЛаб“ каде работи со независни, мултидисцилпинарни артисти. Нејзиниот творечки опус опфаќа и две книжевни остварувања: „Мис АмериКа“ (2018) и „Балерини“ (2020). Завршила балетски конзерваториум во Прага, отсек класичен балет, а следела и студии по алтернативен театар и невербален театар, здобивајќи се со две магистерски титули. Во 2012 година одбранила докторат од областа на режија на физичкиот и мимичкиот театар. Како добитник на Фулбрајтова стипендија извесен период престојувала во Вашингтон, САД, каде била и предавач. Има основано нов смер во физичкиот театар, комбинирајќи го физичкиот со театарскиот танц. Авторка е и учесничка на повеќе од дваесет сценски проекти во Чешка и во САД, кои експериментираат со различни изразни средства и за таа дејност е добитничка на низа награди и признанија. Во моментов живее на релација Прага-Њујорк. Во моментов поготвува театарски проекти за детска палијативна нега и пишува нова книга за човековото тело. Обете книжевни дела што ги објавила послужиле како предлошки за танцово-сценски перформанси. Театарскиот перформанс „Госпоѓа АмериКа“ подоцна бил номиниран за наградата „Талија“, која се доделува на најдобри театарски актери во Чешка. Во 2022 се случила и премиерата на драматизацијата на романот „Балерини“ во вид на мултимедијален сценски проект, кој комбинира анимација, филм, музика во живо и балет. Проектот сѐ уште е на репертоарот на театарот „Палата Акропол“ во Прага. За оваа книга Чехова била номинирана за Наградата за литература на Европската Унија и за наградата „Театарски весник“.

Кога си дете, некои работи што ти се случуваат не ги разбираш како екстремни – само го прифаќаш текот на нештата. Екстремноста станува ’екстремна‘ многу подоцна, кога можеби си возрасен и имаш увид на ситуацијата од дистанција, „Балерини“, превод од чешки: Соња Стојменска-Елзесер „Антолог“, Скопје, 2023

Роман за контроверзите на образованието и практиката на класичната балетска уметност. Базирана врз личното искуство на авторката, приказната се развива околу школувањето на млада девојка на балетски конзерваториум во Прага во 1990-те години. Осамостојувањето на рана возраст, предизвиците на големиот град, жртвите за посакуваниот идеал, постојаниот физички и ментален напор, строгата и непотполна едукација, секојдневните прегладнувања, дрогите и алкохолот… Се покажува дека возвишената балетска игра има потресна позадина. Појавата на оваа книга предизвикала сериозни дебати во балетскиот свет во Чешка и побудила контрадикторни реакции кај читателската публика: некои ја осудуваат за оцрнување на класичниот балет, а други ја доживуваат како поттик за сериозно преосмислување на практикувањето на оваа уметност.

Во текот на престојот во Скопје со чешката авторка разговаравме за нејзините искуства, инспирациите, но и идеите…

Во Скопје доаѓате на Фестивалот „Букстар“. Дали е ова Ваша прва посета на Скопје? Утринава имавте можност и да видите повеќе интересни локации на градот. Какви се впечатоците?

Сум била во Скопје пред 10 години кога настапував на „Танц фест“, но многу кусо престојував и немав можност да видам ништо од градот. Кога ќе дојдете во некои места се ви изгледа премногу сјајно, далечно и различно од вас и се чувствувате како странец, но овде се чуствувам како да сум прегрната. Ме прегрна не само градот, туку и луѓето и почувствував топло добредојде кое ја извади од мене сета нервоза и трема што ги чувствував пред да допатувам на Фестивалот. Од првиот миг се чувствував како меѓу пријатели кои долго ги познавам.
По прошетката низ градот можам да кажам дека не се разликува многу од мојот град во Чешката Република, припаѓаме на Источна Европа, но за некои е Централна Европа. Тоа зависи од опсервацијата на местото. Но, сепак има некои работи кои мислам дека во мојата земја веќе ги загубивме. Се чини дека гентрификацијата не е толку силна овде, како што е во Чешка, овде постои духот на надежите и очекувањата од новото што треба да дојде, а сеуште не е дојдено-и тоа според мене е добро. Има некоја енергија на чекање. Од друга страна има егзотика во смисла на мешање на различни култури и влијанија, религии на многу мали места и некако јас сето тоа го разбирам како еден вид мозаик. Град-мозаик. Мислам дека ова е најточен израз бидејќи мозаикот претставува една слика, и доколку едно парче отпадне, сликата не е целосна. Ми се допаѓа тоа и мислам дека во Скопје сликата е комплетна.
Пробав и македонска храна. Шопска салата имаме и кај нас во Чешка и мислам дека и во кујната имаме некаква заедничка медитеранска нишка, која според мене е најдобра. Само го видов тавче гравче во автентичен земјен сад, изгледаше многу вкусно, но не успеав да пробам. Плус, многу ми се допаѓа името на храната зошто има одредена поезија во тоа. Тавче-гравче- има ритам во името

Организаторот на фестивалот „Букстар„, издавачката куќа „Антолог“ ја објави Вашата книга „Балерини“. Се чини возвишената балетска игра има потресна позадина…Кажете ни нешто повеќе за овој роман?

Бев многу возбудена од топлиот прием на книгата од читателите. Морам да истакнам дека поголемиот број се жени, особено имаше голем одглас кај помладите жени, но имаше и мажи, мои колеги, етаблирани писатели кои позитивно реагираа на темата од позиција на татковци. Книгата се вика „Балерини“ и претставува автобиографска приказна. Јас бев балерина, изучував класичен балет од десетгодишна возраст до деветнаесет години на Конзерваториумот, мошне високо рангирана училишна установа во центарот на Прага. Многу мал број ученици бевме селектирани од голем број пријавени, и бевме изучувани да станеме балерини кои ќе настапуваат на големите сцени на големите театри. Ова беше првичната идеја со која влегов во училиштето, но година по година ја откривав и темната страна на ова авторитарна едукација која всушност ги формира женските тела во тие перфектни продукти без идентитет, без индивидуалитет, без глас. Целиот процес како женското тело е формирано, како гласот е замолкнат е всушност она за што пишувам во книгата. Главната протагонистка е бунтовник и презема револуционерни чекори, таа се бори против оваа идеја да биде перфектен продукт, се откажува од својот идеал да биде број еден примабалерина, да стои на најпознатите сцени со сноп светлина врз неа и сфаќа дека сиот тој жанр на класичен балет е една голема лага.
Реализацијата на книгата беше можне тешка не само за мене туку и за другите мажи и жени кои минале низ истиот процес, не само додека учев, туку и додека ја објавував книгата. Добивава стотици повици од луѓе кои минале низ истото образование и ми се заблагодаруваа за тоа што јас го кажав гласно. Идеалниот лебед е нем лебед . Белиот лебед е исто така наречен нем лебед. Таа не зборува гласно, таа само страда без збор. На почетокот мислев дека ова ќе допре само до оние кои имале слични искуства, ни се изненадив кога увидов дека искуството е всушност глобално и говори генерално за женското тело. Како е третирано во јавниот живот, во семејните кругови…Оваа книга, би рекла, ги охрабрува младите жени да не се плашат од своите мисли и идеи. Не треба да бидеме само декор, може од неа да научат како да станат лидери, како да бидат препознаени, како да ги изразат своите идеи.

Режисерка, изведувачка, кореографка, професорка, писателка…Каде се пронаоѓате најмногу?

Најпрво би рекла јас сум автор кој користи различни начини на искажување. Некогаш тоа е телото, некогаш е сцената за некој друг, но понекогаш е хартијата, односно кумпјутерот. Сакам да бидам сама, тоа е место каде што најмногу можам да бидам слободна, нема туѓи очи, како што е тоа случај кога сте на сцена, и се чувствувам целосно слободно. Се чувтвувам ослободена од сите очекувања, архетипи, улоги…Кога пишувам се чувствувам како да сум во некој сопствен меур во кој можам да бидам што сакам и да не бидам осудувана поради.

Работите ли на нешто ново во моментов?

Работам на нова книга. Повторно пишувам за женското тело. Таа е сексуална работничка, но од аспект каде сексот е моќ. Би рекла дека е трилер и говори за одмазда, мошне феминистичка книга. На сексуалната работничка не се гледа како на жртва, туку како на самоуверена жена која го користи сопственото тело за сопствени цели. Тоа е одмазда за нешто што се случило во минатото, приказна за пријателството меѓу две жени, но и критика за патријархалното општество.

Сметате ли дека со вашите романи, делувањето и воопшто зборувањето гласно за одредени теми може да се поместат работите во општеството?

Мислам дека ја сменив играта во Чешка бидејќи изнесов одредени наративи во оваа артистичка дисциплина кои претходно биле забранети и сега чувствувам дека нештата се менуваат. Не се осмелувам да речам дека се менуваат поради мене, но се менуваат бидејќи постојат и други влијанија и последици, но исто така мислам дела мојот глас е мошне силен во јавниот простор меѓу уметниците. Гледам дека младите жени не се плашат повеќе да говорат за сопствените искуства. Силно верувам дека бев иницијатор на таа промена и дека придонесов барем како една капка во тоа движење за женскиот глас да добие сила.

Кога ја читав книгата имав впечаток дека дејствието се одвива како на филмска лента. Дали размислувате да биде филмуван романот „Балерини“?

Сте го прочитале мошне добро. Уште откако ја објавив книгата имам таква идеја и имав многу понуди. Во фаза сме пред потпишување договор со Чешката телевизија која ќе снима серија. Мислам дека така може да се развијат и останатите ликови. Се чека да обезбедат голем буџет, бидејќи треба да се снимаат шест епизоди за националната телевизија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.