На 9 февруари (петок), со почеток во 19 часот, во новата книжарница на „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на фестивалот Денови на литературата (од 6 до 20 февруари), ќе се одржи промоција на романот „Бахус“ од авторот Сашо Кузмановски, издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Романот ќе го промовира уредничката во издавачката куќа „Арс Ламина“, Бисера Бендевска, низ разговор со авторот.

„Бахус“ е втор, независен дел од предвидената трилогија на Сашо Кузмановски, во која главен лик е полицискиот инспектор Јован Ингилизов-Џовани. Како и во дебитантскиот роман „Афера во музејот на пари“ („Арс Либрис“, 2021), и во „Бахус“ авторот се претставува со своето раскошно познавање од историјата на Македонија, овој пат надградено со исцрпно истражување на обредите и култовите во античкиот град Стоби, поврзани со познатите церемонии „баханалии“ во чест на римскиот бог на виното. „Бахус“ е исклучително интелигентен, аналитичен и реалистичен трилер, поткован со знаења за антиката и за ритуалите што се практикувале, за окултизмот и псевдонауката, кои вкомпонирани во нашиот контекст, прават еден мајсторски и претставителен криминалистички роман, податлив и за екранизација.

Сашо Кузмановски (1979) по професија е дипломиран новинар на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Првите чекори во медиумите му датираат од 1995 година, кога првпат добива своја авторска радиоемисија во некогашното „Радио Оаза“ во Скопје. По 1996 година продолжува како новинар во радио „Канал 4“, кое неколку месеци подоцна се промовира како прво спортско радио. Покрај новинарската и водителската работа, почнува да се занимава и со спортско репортерство. Во периодот 1998-2008 година активно работи како новинар и во единствениот македонски дневен спортски весник „Македонски спорт“. Од 2001 година е програмски уредник на Спортското радио „90,3 ФМ“, каде што работи и денес.

Романот „Бахус“ ќе може да се купи во поголемите книжарници и да се нарача онлајн на интернет-продавницата www.literatura.mk.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.