В среда, 25.05.2022, со почеток од 19:00 часот, во Кинотека на Македонија ќе се одржи авторска вечер на црногорскиот продуцент, режисер и сценарист Момир Матовиќ.
Вечерта посветена на авторот од Подгорица ќе биде збогатена со проекција на документарните филмови.
Обраќања пред пристутните ќе имаат Владимир Ангелов, директор на Кинотека на Македонија, и авторот Момир Матовиќ.
Момир Матовиќ (1951 г., Титоград) е еден од најистакнатите црногорски филмски документаристи и автор на кратки играни филмови. Матовиќ е сценарист и режисер на неговите остварувања, а во неколку наслови е и кинематографер. Тој е дипломец на отсекот за филмска камера на Факултетот за драмски уметности во Белград, Србија.
Добитник е на бројни признанија и награди на филмските фестивали во светот. Досега имал авторски ретроспективи во Торино, Анкона (Италија), Борнхолм (Данска), Берлин, хамбург, Визбаден (Германија), Берген (Норвешка)…
Минатата година во март во Кинотеката беше отворена изложбата „Црногорски филмски плакат“. Во фоајето на Кинотеката беа изложени четириесетина плакати на филмови од црногорската кинематографија, но и копродукциски проекти – реализирани главно во втората половина на дваесеттиот век, но и од поновиот период – а повеќето од изложените експонати се дел од единствената оригинална колекција токму на филмскиот режисер Матовиќ, како резултат на неговото децениско трагање по кинотечните архиви, библиотеки, архивите на филмските продуценти и дистрибутери, а некои се откупени од приватни колекционери. Изложбата „Црногорски филмски плакат“ е своевиден виртуелен музеј на црногорската кинематографија во кој можете да сретнете разни филмски стилови и теми, од разни автори…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.