Рокенрол мјузиклот „Архангелот над Скопје“ вечер во 20 часот премиерно ќе биде изведен во Македонскиот народен театар (МНТ). Режисер и дизајнер е Наташа Поплавска, а претставата е работена по музиката на нашиот најголем рок-бенд „Архангел“, создадена од Ристо Вртев. Покрај музиката, лириката и текстот се на Вртев.
Претставата е во продукција на Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“, а е поддржана од Министерството за култура, во соработка со Македонскиот народен театар и Театар „Комедија“.
Приказната зборува за животот на градот Скопје во периодот на неговото созревање од деведесеттите години на минатиот век, па сѐ до денес. Урбаниот скопски живот ќе се прикаже преку животот на транзициските генерации кои сакаат да направат промена во културно-општествениот живот, наспроти баналната стварност која ги фрла на маргините на општеството, соопшти МНТ.
Покрај Ристо Вртев, учествуваат и актерите: Нина Елзесер, Стефан Спасов, Јована Спасиќ, Антонио Ташковски, Ања Митиќ, Лазар Христов, Ана Грамосли, Гоце Андонов, Катерина Јовановиќ, Ведран Чешарек, Ана Јованoвска, Кире Ацевски, Мина Јелушиќ, Марија Талеска, Мартина Даниловска Марко Младеновиќ. Тие ќе бидат придружувани од музичарите: Зоран Костадиновски — гитара, Виктор Николовски — бас-гитара, Благоја Антовски — тапани, Сашко Николовски — тромбон, Кирил Кузманов — саксофон, Трајче Велков — труба и Стефан Илиевски – клавијатури.
Билетите за претставата се продаваат на билетарницата на Македонскиот народен театар и на веб-страницата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.