Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ги објави делата на Франц Кафка, кои ќе излезат од печат на еден, ако може така да се каже, необичен ден – вторник, 22.02.2022. Сепак, недоволно необичен во споредба со животот и творештвото на авторот што го обележа XX век и еден од најголемите книжевни гении на сите времиња.

Станува збор за два романа на овој голем автор, имено „Америка“ во превод на Душанка Каевска и „Замок“ во превод на Бобан Здравковски Андреевски, овој пат со интегрални преводи на македонски јазик што за првпат ги вклучуваат и оригиналните предговори на неговиот пријател Макс Брод, и со тематски дизајн на кориците, кој е дело на Марко Трпески.

Со ова само се поставува курсот на она што е планирано за претстојниот период, а тоа е пред сè објавување на капиталното дело „Процес“ – исто така за првпат во интегрален превод од оригиналот, „Дневниците“ на Кафка, но и на другите негови познати и помалку познати дела. 

 

Објавувањето на целосните дела на Кафка е најпрвин исполнување на една лична желба уште од училишните денови, но и голем придонес кон издавачката продукција, зашто навистина нашата читателска публика заслужува да ги има достапни на македонски јазик делата на можеби најзначајниот и најенигматичниот автор на сите времиња. Една од првите десет книги објавени во рамките на нашата еминентна едиција ’Бранови‘ е токму романот ’Америка‘, чии количини веќе од поодамна беа исцрпени, па неговото реобјавување, но со тематски дизајн, е само прв чекор во новата приказна што планираме да ја испишеме“, смета Жарко Кујунџиски, главен и одговорен уредник во „Антолог“.

 Франц Кафка бил автор на визионерска фикција, поседувајќи извонреден талент за соединување на елементите од реализмот и фантастичното. Незалудно неговиот „кафкијански“ стил е влезен како поим во сите книжевни енциклопедии!

 Според сведочењето на Макс Брод, Кафка го замолил да ги запали сите негови необјавени и незавршени ракописи и романи по неговата смрт. Брод не го послушал, постхумно објавувајќи ги „Процес“ и другите книги што станале класици.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.