На седницата на Собранието на СОКОМ која се одржа минатата недела, членството на Здружението се прошири за еден нов член. На предлог на Претседателството на СОКОМ, Собранието на Асоцијацијата едногласно донесе одлука како член на СОКОМ да биде примен музичкиот писател, истражувач, општествен деец и редовен професор на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима, д-р Александар Трајковски, соопштија од СОКОМ.

Александар Трајковски во 2002 година дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а на истиот, во 2007 година и магистрира во класата на проф. д-р Викторија Коларовска – Гмирја, со темата „Организацијата и содржината на музичката настава во Република Македонија,

во периодот од 1950 до 1962 година“. Во 2014 година на Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања, под менторство на проф. д-р Ганка Цветанова ја одбранил докторската теза „Филмската музика како форма на комуникација: музиката во македонскиот игран филм во периодот од 1952 до 2011 година“.

Во 2009 година е избран во звањето доцент по група предмети од областа на музичката теорија на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима (поранешен Универзитет за аудио-визуелни уметности ЕФТА) во Скопје. Во 2015 година е избран во звањето вонреден професор на истиот, а во 2020 во редовен професор.
Д-р Александар Трајковски е активен и на полето на општествено- социјалниот и културен живот во Република Македонија, насочувајќи го својот интерес на делување низ повеќе начини и форми. Во текот на својата професионална кариера учествувал во голем број научно-истражувачки проекти. Со свои авторски предавања се претставил на бројни фестивали и културни манифестации, како и на покана на повеќе образовни и културни институции.

Д-р Александар Трајковски е автор на три книги: „Зина Креља, сопран, првенка на Операта при Македонскиот народен театар“, „Музиката во македонскиот игран филм: од ’Фросина’, до ’Лазар’“ и „70 години Академско културно- уметничко друштво ‘Мирче Ацев’“, во кои ги сублимира своите повеќегодишни истражувања, а кои според тематиката која ја обработуваат претставуваат вреден прилог во збогатувањето на македонската научна и културолошка мисла, како и на повеќе од триесет научни трудови објавени во реномирани музички и културолошки списанија и научни зборници, од кои најголемиот број се меѓународни.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.