Агенцијата за филм на Македонија е присутна со свој штанд на Европскиот филмски маркет, кој се одржува од 15 до 21 февруари во рамки на еден од најеминентните фестивали во светот – Интернационалниот филмски фестивал во Берлин.

Ова е од огромно значење за македонската кинематографија, имајќи предвид дека во последните 15 години се прават напори Македонија да обезбеди свој промотивен простор во рамки на маркетот во Берлин, каде присуствуваат голем број продуценти, дистрибутери, финансиери и фестивалски организатори од целиот свет.

Македонскиот штанд ќе биде позициониран на централна локација, во Музејот „Мартин Гропиус Бау“ каде што традиционално се одржуваат активностите во рамки на индустрискиот дел на Берлинскиот филмски фестивал и ќе биде место каде што македонската делегација од Агенцијата за филм ќе ги претстави најновите случувања во нашата кинематографија и ќе остварува средби за идни копродукциски соработки. За оваа цел е подготвен обемен каталог и промотивен материјал.

Агенцијата за филм секоја година е присутна на маркетот со различни активности за промоција на македонски филмови. Така, во 2024 година Агенцијата за филм закупи и проекција на маркетот за филмот „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец. Со овие проекции филмовите добиваат можност да се претстават пред 2.000 професионалци од 110 земји во светот и да бидат откупени или селектирани на некои од филмските фестивали.

Присуството на нашата кинематографија на Европскиот филмски маркет, еден од најважните случувања во светот на филмската индустрија, е од големо значење бидејќи потврдува дека се вложува во авторите и во филмската индустрија и се олеснува соработката и промоцијата на филмските професионалци на глобалната филмска сцена.

Покрај промотивниот штанд, Агенцијата за филм ќе биде присутна и на интернет платформата на маркетот, каде што сите оние кои не се во можност да присуствуваат на физичкото издание на маркетот ќе можат да ги проследат содржините во виртуелен формат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.