Повеќе од 60 издавачки куќи, меѓу кои најуспешните македонски, но и издавачи од регионот – Србија, Албанија и Косово, ќе се претстават на годинашниот Саем на книга, а очекувањата се да се врати бројката од 30.000 посетители како пред пандемискиот период. Оперативниот директор на Саемот на книгата, Сања Кондарко за МИА открива дека посебен акцент ќе биде ставен на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, кога ќе се одржи трибина во организација на Македонската асоцијација на издавачи.
Годинашното 35. издание на Саемот на книга ќе се одржи во редовниот, пролетен термин од 4. до 10. мај, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, под покровителство на Министерството за култура, кое традиционално ја поддржува оваа најголема културна манифестација.
Мотото оваа година е „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта”. За време на седумте саемски денови мирисот на нова книга ќе се почувствува на штандовите на издавачките куќи, во кои се вбројуваат најуспешните македонски издавачки куќи и издавачи од регионот.
Кондарко потенцира дека издавачките куќи ќе се претстават со своите најнови наслови, а ќе се реализираат и средби со автори, но и голем дел на промоции и попусти за време на саемските денови. Промоции ќе се одржуваат во сите саемски денови и во Промотивниот центар и на штандовите на издавачките куќи.
„Низа атрактивни наслови ќе бидат понудени на Саемот на книга по намалени, саемски цени за што изготвуваме Саемски каталог на топ наслови на изложувачите. Каталогот наскоро ќе биде достапен на социјалните медиуми на Скопски саем, каде сите заинтересирани читатели ќе можат подетално да се информираат за понудените наслови“, вели Кондарко.
Интересот за домашната литература, според Кондарко, се зголемува во изминатите неколку години, а интересот за одредени жанрови зависи од возрасната структура на посетителите и од личните преференции.
„Саемот секако изобилува со богата понуда на сите жанрови, вклучувајќи дела од домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна, научна и белетристичка литература, енциклопедии, дела од областа на културата и уметноста, книги за млади и деца, учебници“, вели Кондарко.
Таа најавува дека во промотивниот центар на Саемот на книга ќе се организираат бројни промоции на дела и автори.
Како што информира, на штандот на Издавачкиот центар „Три“ и „Паблишер“ на 4 мај најавени се промоции и гостувања на авторите Агрон Усеини и Катерина Ангелеска, следниот ден ќе гостуваат Ана Јовковска, Јагода Михајловска-Георгиева, Винка Саздова, а ќе има и работилница за јазикот со Виолета Танчева-Златева, како и доделување на наградите „Ванѓа Чашуле“.
Во сабота, 6 мај, меѓудругото, ќе се одржи и промоција на „Лажливиот живот на возрасните“ од Елена Феранте, Весна Мојсова-Чепишевска и Радица Никодиновска, но и на новата книга од Д-р Митов, а подоцна и потпишување со Игор Џамбазов. Во текот на следниот ден ќе се одржи промоција на „Мала книга на стапици“ од Горан Стефановски.
На штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ на 4 мај ќе се одржи потпишување на „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ, а во сабота ќе има потпишување на новиот роман „Варшавската срна“ од Мимоза Ристова. Во понеделник, 8 мај, ќе се одржи промоција на три нови книги од Велко Неделковски „Прегрнати книги“.
„На штандот на Полица како книжар и автор ќе биде присутен Петар Андоновски кој премина во ИК Полица. Неговите три наслови „Очи со боја на чевли“, „Телото во кое што треба да се живее“ и „Страв од варвари“ ќе бидат изложени на штандот, а авторот ќе биде присутен секој ден“, потенцира Кондарко.
На штандот на „Антолог“, меѓудругото, најавени се гостувања на Јован Илиески, Маша Тодевска, Елена Филиповска, Жарко Кујунџиски…
На штандот на „Муза паблишер“ ќе гостуваат Евгенија Веровска и Игор Станојоски. Гости на штандот на „Прозарт медиа“, каде ќе ги потпишуваат своите книги, во сабота, 6 мај, ќе бидат Денис Јанкуловски, Верица Ацеска, Саша Станишиќ, а следниот ден Пијан Славеј и Александар Прокопиев.
И оваа година на Саемот се очекуваат гости од регионот.
Како што најави Кондарко, на 6 мај, на штандот на „Славика Либрис“ ќе се одржи промоција на книгата „Мона“ од чешката авторка Бјанка Белова. Таа ќе биде гостинка на промоцијата, а промотор на изданието ќе биде проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска.
На 7 мај пак, гостин ќе биде британскиот автор Крис Картер.
Кондарко ги поканува сите генерации и сите љубители на пишаниот збор да го посетат годинашниот Саемот на книга и уверува дека секој посетител може да најде понуда за својот вкус.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.