36. Поетска ноќ во Велестово ќе се одржи од 16 до 18 август на локации во Велестово и Охрид. Со поетски портрет годинава ќе биде претставено творештвото на Елизабета Баковска, а во интернационалната програма ќе гостуваат поети од шест земји, и тоа: Велика Британија, Ирска, САД, Хрватска, Србија и Македонија.
‒ Од годинава, за наредниот 4-годишен циклус имаме неколку концепциски промени, имено, наместо преку беседа, творештвото не поетот во фокус ќе биде претставувано преку разговор, во дослух со современите трендови. Исто така, се воведува настанот „Поетско интермецо“ преку кој странските поети ќе имаат можност да читаат и пред публиката во Велестово, а не само во Охрид ‒ истакна програмскиот директор на фестивалот, Јулијана Величковска.
Годинешното издание ќе биде отворено на 16 август од 21 часот на сретсело во Велестово со „Езеро“ ‒ мал музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ. Ќе следува поетскиот портрет на Елизабета Баковска, а потем и настанот „Поетско интермецо“. Вечерта ќе биде затворена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.Автор на постерот за годинешното издание е Андреј Павлов.
На 17 август со почеток од 19 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Мозаик“ на кое ќе настапат: Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија), Минг Ди (Кина/САД), Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска од Македонија, а по читањето, публиката ќе има можност да ужива во уште еден настап на Нина Ромиќ и Јелена Галиќ.
Фестивалот ќе заврши на 18 август со организрано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, придружено со неформални поетски читања.
Фестивалот го овозможија Министерството за култура, Општина Охрид, Традуки и Комерцијална банка АД Скопје, а негови помагатели се Хрватското друштво на писатели (ХДП), кафе и бар „Шила“ од Охрид, Пелистерка АД Скопје, вила „Сансет“ од Велестово, ресторан „Домаќинска куќа Велестово“ и пицерија „Немо“ од Охрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.