Рекордни 351 автори од сите континенти се пријавени  на 21-от Меѓународен салон за стрип „Велес 2024“. Сите пристигнати дела ќе бидат прегледани од жири-комисија,  а дел од нив ќе бидат изложени на свеченото отварање на Меѓународниот стрип салон во Велес, најзначајна стрип манифестација во земјава која ќе се одржи кон крајот на месецов, а кога ќе бидат врачени и наградите на најдобрите по категории, информира Томе Трајков, програм координатор на СЦМ-Велес, организатор на конкурсот и салонот.

Како што појасни Трајков,  големата бројка на спријавени стрип автори  се должи пред се на засилената  работа и контакти со млади таленти од земјава, како и меѓународната соработка што ја има СЦМ-Велес.

-Многу радува податокот за откривање на нови стрип имиња од македонската стрип сцена коишто заслужуваат поголема афирмација и внимание.Тоа е секако одраз и на реализацијата на соработка со училиштата ширум државата, како и со ликовните педагози. Исто така и   медиумската промоција на стрип настани во странство на коишто учествува македонската стрип сцена   секако дека има позитивно влијание, потенцира Трајков.

Додава дека за меѓународните стрип контакти останува постојаната соработка со стрип сцената од поранешните југословенски републики, а застапени се и автори од сите континенти, има од Тајван и Америка.

-За зголемување на нивниот број придонес дава и  зголемена поддршка од страна на донаторите како на пример: зголемен фонд на награди, работа на меѓународни жири и други активности, потенцира Трајков.

Меѓународниот стрип салон во Велес, како и другите придружни активности е финансиран од Министерството за култура и Општина Велес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.