Рекорден буџет од околу 20 милиони денари или околу 325 илјади евра годинава е наменет за Програмата за културни манифестации на Општина Куманово, објави Куманово њуз.

Овој износ е одреден во рамките на досега најголемиот проектиран буџет на локалната самоуправа за 2024 година.

Најмногу средства се планирани за Ноемврискиот мега концерт по повод ослободувањето на Куманово, вкупно 2 милиони денари, за новогодишната програма на Фондацијата за култура и спорт која ќе чини 1,1 милиони денари, свечената седница за Денот на градот е проектирана на 1 милион денари, а за организација на Мото фест ќе бидат потрошени 800 илјади денари.

Најпознатата и најпопуларна манифестација „Денови на комедија“ годинава добиваат поголема локална поддршка, односно 330 илјади денари, за разлика од 250-те илјади минатата година. За 50 отсто поголем буџет имаат Рома труба фест и јубилејното 20-то издание на Тамбурашкиот фестивал, и тоа по 450 илјади денари, додека Тумба фест добива 50 илјади помалку или сума од 250 илјади денари.

Повеќе од двојно ќе добие и Здружението за уметност и култура „Мјузик конектин пипл“ кое го организира „Пикник во Пелинце“, особено популарен настан кај младите во општината и пошироко, за што се предвидени 300.000 денари, наместо минатогодишните 140 илјади денари .
Ова здружение ќе го реализира и проектот “Биди и ти КУЛтура“  за кој ќе добие дополнителни 100 илјади денари.

За поддршка и промоција на млади локални уметници, пак, Општина Куманово ќе потроши 300 илјади денари, или двојно повеќе од 2023 година. Континуирано се исплаќаат и средства за поддршка на културно-уметничките друштва, односно седум од нив добиваат по 50 илјади денари, исто како лани.

Целиот текст овде.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.