5 часот и 17 минути, 26 јули 1963 година се време и датум кои се врежани како голема лузна на ткивото на нашиот град. Под урнатините на старото Скопје загинале 1.070 жители, а биле повредени над 4.000. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава.
Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики. По неколку дена почнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет. Дури 87 држави во светот испратиле некаква помош во Скопје и помогнале тој да се изгради повторно, поради што градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.
По земјотресот градот почнал да се гради според модерните проекти на јапонецот Кензо Танге и на Адолф Циборовски. Старата железничка станица денес е „Музеј на Град Скопје“ и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.
Во КСП Центар-Јадро, овој месец во кој се навршуваат 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес го одбележуваме со два настани: „26 Јули, 1963“ – изложба на фотографии, видео проекција и други меморабилии за Скопје во организација на Општина Центар и „Сведоштва за земјотресот“ од Нестор Несторовски во организација на неговата ќерка Солунка Зоксимовска.
„26 Јули, 1963“ – изложба на фотографии, видео проекција и други меморабилии за Скопје
26.07.2023
Отворање на изложбата: 10ч.
За да го одбележи овој јубилеј, Општина Центар во соработка со КСП Центар-Јадро ја организира изложбата „26 Јули, 1963“ .
Изложбата е концепирана како мултимедијален настан на кој посетителите ќе можат да погледнат документарен филм за Скопје, макети од централното градско подрачје, албуми со приватни фотографии како и историски фотографии од неколку периоди од развојот на Скопје со акцент на територијата на Општина Центар, предземјотресениот период, катаклизмичниот постземјотресен период како и обновениот Центар.
Изложбата ќе ја отвори градоначалникот на Општина Центар , Горан Герасимовски.
„Сведоштва за земјотресот“ читање и проекција на документарен филм
Настан во организација на Солунка Зоксимовска
27.07.2023 во 20ч
Невидената трагедија што му се случи на Скопје во земјотресот од 26 јули 1963 сѐ уште се раскажува низ многубројни драматични приказни, кои некои запишувачи ги нарекуваат и скопски вистинити легенди.
На овој настан, Солунка Зоксимовска ќе ги претстави записите на нејзиниот татко, Нестор Несторовски, единствен преживеан од зградата на бул. ЈНА во која што тој живеел. Меѓу загинатите се и неговата сопруга и двете деца на возраст од 13 и 14 години, Солуна и Мишко.
Сведоштвата започнуваат со настаните што се случиле два дена пред земјотресот а завршуваат со извлекувањето на Нестор од урнатините на зградата. По претставувањето на записите ќе следува проекција на документарен филм во продукција на Македонската радио телевизија кој се базира на потресната приказна и сведоштвата на Несторовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.