Фестивалот на монодрама го одбележува своето значајно 25-то издание во Битола под слоганот „Слободата живее тука“, како значајна пресвртница во фестивалскиот израз.

Со музичкиот спектакл „Глумците пеат“ свечено ќе биде отворен овој фестивал кој од 25 до 31 мај ќе се одржува во Битола, а затворањето на фестивалот и претставата која ќе им биде посветена на наградените ќе биде со извонредната “Чудна случка со кучето во ноќта” на Драмски театар од Скопје.

Директорката на Центарот за култура кој е организатор на фестивалот, Маја Андоновска-Илијевски на пресот го нагласи трајното значење на фестивалот за актерите.

„Ова е фестивал кој докажа дека има непоколеблива посветеност да негува уметнички сјај дури и во услови кога не беше толку познат, а докажа дека може да создава уметност и во време на пандемијата. Така што овие 25 години значат многу за еден мал, но мошне значаен фестивал кој го става актерот во самиот центар. Ова е фестивал којшто покажа и докажа дека монодрамата како театарска форма е мошне значајна за актерот. И мотото „Слободата живее тука” е една директна асоцијација дека не само актерите туку и уметниците се во константна трка и потрага по слобода а неа ја наоѓаат токму таму каде што творат, на сцените” – истакна Андоновска-Илијевски.

Овогодинешниот фестивал ветува програма со исклучителен квалитет и разновидни наративи од Македонија, Хрватска, Србија, Турција, Грција, Бугарија, Ерменија, Казахстан и Обединетите Арапски Емирати.

Селекторот Петар Мирчевски се осврна на богатството на македонскиот талент прикажан во продукциите како „Фетишистот“ на Здравко Стојмиров и „Сите најубави работи” на ОХО продукција со актерот Игор Ангелов во режија на Дејан Пројковски. Нивниот придонес е пример за посветеноста на фестивалот за негување на домашните таленти, притоа прифаќајќи ја глобалната перспектива.

Размислувајќи за извонредното патување на фестивалот кое се протега во четврт век, Љупка Коларова-Пајевиќ се потсетува на неговата еволуција, од скромните почетоци до тоа да стане интернационален фестивал на кој настапувале големи актерски имиња и продукции. За неа е длабоко влијанието на фестивалот врз уметничкиот пејзаж, обезбедувајќи платформа за актерите и драматурзите креативно да се изразат и да го збогатат културното ткиво во регионот.

Жирито на Интернационалниот Фестивал на монодрамата ќе го сочинуваат: режисерката Зоја Бузалковска, актерката Билјана Драгичевиќ-Пројковска и Нина Мазур која цели 25 години е дел од Фестивалот.

Покрај официјалната програма која ќе понуди 10 монодрами на сцените, офф-програмата на фестивалот како и секоја година изобилува со содржини. Од промоции на книги, живи споменици и жонглери вдолж Широк Сокак и ДЏ сетови на избрани артисти, во чест на славењето на монодрамата.

Фестивалот на монодрамата доби финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Битола. А големиот спектакл “Глумците пеат” е со поддршка на спонзорот ЗК Пелагонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.