Филмот „КОДА“, каде што глумат неколку лица со оштетен слух, е филмот на годината на годинашното доделување на „Оскарите“. Освен главното признание за најдобар филм, глумецот Трој Коцур стана второто лице со оштетен слух во историјата воопшто – добитник на „Оскар“ (споредна улога), точно 35 години по неговата колешка од новиот филм – Марли Матлин, а пак Сијан Хедер ја доби статуетката за прилагодено сценарио.

Научнофантастичната сага „Дина“, од американската Академија за филмска наука и уметности доби најмногу – шест „Оскари“ од можни 10 номинации, меѓу кои и одличјата за монтажа, визуелни и звучни ефекти.

„Оскарот“ за главна женска улога отиде кај Џесика Честејн, за филмот „Очите на Теми Феј“. Ова е прв нејзин „Оскар“.

Вил Смит пак, го доби своето прво вакво одличје за најдобар глумец за улогата во „Кралот Ричард“, па во говорот, со солзи, сепак говореше за љубовта меѓу луѓето – посебно меѓу „својот народ“, наспроти омразата и нетрпеливоста.

Признанието за најдобар режисер отиде кај Џејн Кемпион за „Моќта на кучето“. Филмот доби само еден „Оскар“ од рекордните 12 номинации.

За најдобра женска споредна улога е прогласена Аријана Дебоуз („Приказната од Западната Страна).

Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје е „Вози го мојот автомобил“ (од Јапонија).

Најдобра филмска песна е „No time to Die” во изведба на Били Ајлиш за истоимениот филм „Џејмс Бонд 007: Не е време за умирање“.

Најдоброто оригинално сценарио го има филмот „Белфаст’, режиран и напишан од Кенет Брана.

Најдобар анимиран филм е „Енкантo“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.