Губиме огромен потенцијал. Македонија станува извозник на стручни лица наместо да извезува други добра од кои државата би имала корист. За жал, тоа е тенденција веќе неколку години со зголемен интензитет, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање за проблемот со одлив на високообразован кадар од државава.

Според неа, еден од факторите кои влијаат на преселбата на младите луѓе се општествените случувања и можностите кои државата им ги нуди за да ги задржи.

Дополнително, одреден број млади луѓе веќе при студирањето се отселуваат од земјата наводно за да студираат на подобри факултети за да имаат подобри можности во животот и најголем број од нив не се враќаат. Набројав само три елементи иако ги има многу. Ќе се фокусираме на сите овие три елементи, значи да им понудиме еден праведен, правичен општествен систем, во кој тие нема да ги чувствуваат негативностите кои во моментот или во минатото постоеја, ќе се справиме со корупција, криминал и непотизам и во училиштата, и во високото образование, изјави Јаневска пред отворањето на конференција за инклузивно образование организирана од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Во договор со универзитетите, рече, ќе ги модернизираат студиските програми за да одговараат на потребите на пазарот на трудот и Владата „постепено ќе отвора можности за тие да останат да живеат и да работат пристојно во својата татковина и да придонесат за нејзиниот развој“.

Во одговор на новинарско прашање, министерката информираше дека интензивно се бара решение за простор за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) за кој веќе седум години е во застој изградбата на нова зграда покрај Ректоратот на УКИМ, а студентите следат настава во неколку објекти.

Ние интензивно бараме решение за тоа. Се сретнавме со деканот на ФИНКИ и Министерството веќе бара опции на кои би им помогнале студентите да имаат нормални услови за настава. Значи, во преговори сме, рече министерката за образование и наука.

Државниот завод за ревизија вчера го објави конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на успешност „Ефикасност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“. Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Република Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата. Според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, Македониа е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.