Од 7.00 часот утрово патничкиот и товарниот железнички сообраќај е во прекин, поради бојкот на машинскиот и извршниот персонал во „Железници – Транспорт“.

Како што вели за МИА, Душко Чакаровски, претставник на машинскиот персонал, причина за бојкотот е неисплатениот втор дел од декемвриската плата.

Тој се повика на Одлуката од 2 ноември 2021 година, според која, машинскиот и извршниот персонал нема да ги извршува работите ако платата за претходниот месец не биде во целост исплатена до 25-ти во тековниот месец.

Се повикуваме на оваа Одлука и поради тоа не ги извршуваме работите. Веднаш ќе продолжиме со работа кога ќе ни се исплати вториот дел од декемвриската плата – нагласува Чакаровски.

Тони Димовски, пак, кој исто така е претставник на машинскиот персонал, кусо одговора дека се во тек „разговори и преговори околу барањето“.

Согласно Одлуката од ноември, машинскиот и извршниот персонал во Железници – Транспорт бара и исплата на материјалните трошоци до 10-ти во тековниот месец.

Прекин на железничкиот патнички и товарен сообраќај имаше и на почетокот на август, како и во ноември 2021 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.