По замрзнувањето на цените на зеленчукот се трошат последните залихи на тезгите на Градскиот пазар во Штип, но и по супер маркетите. Ванчо Ѓеорѓиев трговец на Градскиот пазар во Штип, кој со години има тезга на која продава зеленчук и овошје вели дека ги троши последните залихи на домат, краставица, пиперки, но и на грав.

Немаме роба, не смееме да товараме роба од магацините по старата цена. Ова е робата што ни остана од пред неколку дена, таа ја продаваме, вели Ѓеорѓиев.

Слична состојба и во Скопје:

Прашан дали ќе имаат нови пратки од зеленчук, Ѓеорѓиев посочува дека магацините од кои набавуваат не им нудат зеленчук и овошје по замрзната цена.

Магацините си ја држат цената, а тука на нас ни е намалена и ние не можеме да ја работиме, продаваме таа роба. Нема домат, нема краставици, нема и грав. На гравот му бараат 130 денари, а ние овде на тезгата мора да го продаваме по 75 денари, затоа и не го земаме. Утре на пазар ќе нема грав и останати работи, вели Ѓеорѓиев.

Раководителот на Градски пазар-Штип, Димче Колев за МИА потврдува дека трговците кои имаат закупено тезги на пазарот во Штип ги трошат последните залихи од зеленчукот, кој е веќе со замрзната цена. Забележува дека математиката меѓу нив и увозниците не се совпаѓа и затоа не набавуваат нови колични на зеленчук за продажба. Посочува дека трговците ова и го очекувале да останат без зеленчук на тезгите по замрзнувањето на цените.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.