Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја завршија општата расправа по Предлог-ребалансот на Буџетот, на која пратениците од опозицијата и од власта останаа на спротивставени ставови по однос на доставениот буџетски измени.

За опозицијата, ребалансот е доказ дека „економијата е разрушена“ и дека „постојано се зголемува сиромаштијата“. Според опозициските пратеници, се работи за неразвоен буџет кој нема да може да се справи со актуелните економски и социјални притисоци.

Пратениците од власта, пак, порачаа дека со ребалансот се остварува заштеда на сериозни средства што ќе се искористат за директна помош за граѓаните и за стопанството, во услови на економска криза која го потресува целиот свет. Проектираниот ребаланс, нагласија тие, ќе обезбеди заштита на стандардот на граѓаните и ликвидност на компаниите кои се оптоварени со кризите на светските пазари.

Пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ во расправата истакна дека со ребалансот нема ништо да се промени, оти со него власта само купува време, а не се справува со проблемите, нагласувајќи дека во прилог на таквите ставови оди и постојаниот раст на јавниот долг и падот на БДП и на економскиот развој.

Бродот тоне, луѓе се дават и умираат, ама министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека ќе ја задржува стабилноста со ребалансот за 2022. Ова е трагедија од животот, што оваа власт го ветуваше така надежно – рече Стојановска.

Во реплика, пратеникот од СДСМ Диме Велковски истакна дека не е точно оти има постојан раст на задолжувањето, бидејќи, како што рече, државата покрај тоа што се задолжува, секоја година отплаќа долгови и оти само лани бил исплатен долг од 500 милиони евра. Тој нагласи дека државата постојано работи да им помогне и на граѓаните и на бизнисот и оти конципирањето на овој ребаланс на Буџетот е во таа насока.

Има пораст на платите, на пензиите, има поддршка за стопанствениците и за земјоделците, нагласи Велковски, додавајќи дека тоа ќе продолжи и со ребалансот, бидејќи се крати онаму каде не може да се реализираат средствата и се префрлаат таму каде што се неопходни.

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници и гасоводи. Се планира економскиот раст да биде 3,2 проценти, инфлацијата да достигне до 7,2 проценти, а дефицитот да биде 42,7 милијарди денари.

По редовната едночасовна пауза, членовите на Комисијата за финансирање и буџет треба да преминат на амандманска расправа, односно на разгледување на предложените над 200 амандмани на Предлог-ребалансот, поднесени претежно од опозицијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.